Нова несреќа на скопската обиколница, повредени двајца полицајци


Двајца полицајци во сообраќајна несреќа што се случи утрово околу пет часот на обиколницата во Скопје. Според Министерството за внатрешни работи, сообраќајката ја предизвикал 30-годишен жител на тетовското село Одри. Тој, управувајќи автомобил „бмв“ удрил во возило „шкода јети“, во кое биле двајца полициски службеници. Сите тројца се повредени.

„Полицајците се здобиле со повреди и се пренесени во комплекс клиники ‘Мајка Тереза’, а возачот на другиот автомобил во Градската општа болница. Извршен е увид и се истражуваат причините за несреќата“, велат од МВР.

Повредените полицајци денеска беа посетени од министерот за здравство, Венко Филипче, заменик министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу и директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски кои што им посакаа побрзо закрепнување.

Сообраќајката се случи речиси на идентично место како јунската во која загинаа две лица, меѓу кои и еден полицаец. Тогаш, камион „ман“ со скопска регистрација удри во полициска патрола што стопираше автомобил „бмв“ поради преголема брзина.

Додека полицајците разговарале со возачот, наишол камионот и удрил во сопреното возило, кое, пак, се прдивижило и се заби во полицискиот автомобил. Силниот удар предизвика експлозија при што се запали „бмв-то“ и загина совозачот. Подоцна и полицаецот им подлегна на повредите.