Нова инвестиција на „Костал”, Охрид ќе биде светски центар за паметна електроника


Охрид – „Костал Македонија“ ќе инвестира околу 50 милиони евра во нови капацитети во кои ќе се произведува паметна електроника за најновите модели автомобили на „Фолксваген“, „Шкода“, „Сеат“, „Ауди“ и „Порше“.

Станува збор за инвестициски проект за производство на чарџери за електрични и хибридни возила, кој што ќе се реализира во периодот јули 2023 – декември 2026 година и ќе овозможи нови 300 вработувања.

Како што беше посочено денес на презентација на новата инвестиција во Охрид, системите за полнење на светските брендови од групацијата „Фолксваген” за сите хибридни и електрични возила ќе бидат произведувани во Република Северна Македонија.

„‘Костал Македонија’ ќе стане единствена глобална локација каде ќе се произведуваат овие системи за енергетска електроника, без разлика на тоа каде крајно се склопуваат автомобилите”, истакна директорот на „Костал Македонија“, Виктор Мизо додавајќи дека планот е да се започне со производство со воведување на најновите SAC (Smart Actuator Charging) технологии и системи за полнење од групацијата „Фолксваген”.

Како што беше истакнато, чарџерот (полначот) е производ со најголема додадена вредност што се произведува во нашата земја.

Ова трета по ред инвестиција на германската компанија за изработка на делови и компоненти за автомобилската индустрија „Костал“, која во земјава годинава одбележува седум години од работењето. Она што ја издвојува новата инвестиција е тоа што таа ќе биде во нови технологии, а не во хали. Досега компанијата има вложено над 100 милиони евра во фабриката во Охрид, така што заедно со претходните две фази, вкупните реализирани инвестиции на компанијата во Македонија ќе достигнат 150 милиони евра.

Во моментов во компанијата работат 1.020 вработени со просечна плата далеку над просекот во државата. Дополнително „Костал Македонија“ инвестира и во производство на најновите кровни модули кои ја користат последната SkinTec технологија која се користи за најексклузивните модели на Daimler како што се: Mercedes EQS, EQE, C + S CLASS, AMG SL. Овие технологии овозможуваат командите да бидат интегрирани во специјалната пластика и на допир, а површината да биде отпорна на гребаници.

Вчера претставници на менаџментот на „Костал” имаа средба со премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерот Фатмир Битиќи. Како што посочија од Владата во соопштение до медиумите, било потенцирано дека проширувањето на инвестицијата на оваа, како и на другите компании основани од странски инвеститори во земјава е показател за добрите политики за создавање поволен и предвидлив амбиент за инвестирање и за поддршката за актуелните и потенцијални инвеститори. Од Владата посочија дека „Костал Македонија“ од првиот ден на своето постоење до сега има добиено финансиска помош во износ од 12,5 милиони евра.(М.Ј.)