Нова хируршка сала и реновирање на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија


Изградба на нова хируршка сала со комплетна опрема, како и реновирање на нов болнички оддел се новините на кои интензивно се работи на Универзитетската клиника за торакална и васкуларна хирургија. Новата хируршка сала е комплетно опремена со нова опрема и ќе биде една од најмодерните и опремени сали на ниво на цела држава, соопшти Министерството за здравство.
Со новиот болнички оддел, како што се посочува, ќе се зголеми капацитетот на хоспитализирани пациенти за една третина, а истото ќе се постигне со зголемување на капацитетот со 15 болнички кревети (претходно одделот беше предвиден за 50 пациенти). Инаку, овој простор претходно беше целосно запуштен и воопшто не се користеше, а сега од корен се реновира и се инсталира нова најсовремена опрема.
Министерот за здравство Венко Филипче ја посети Клиниката за торакална и васкуларна хирургија, каде заедно со директорот и вработените направи обиколка низ просториите кои ќе бидат дел од целосното реконструирање на Клиниката, соопштија од Министерството.