Нова Горица и Гориција спектакуларно ја славеа титулата Европска престолнина на културата (фото)

Нова Горица (Словенија) и Гориција (Италија), како Европски престолнини на културата со преку 600 културни активности и околу 60 проекти заедно ќе ја слават заедничката историја, отворените граници и културната разновидност на регионот


 
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, синоќа, во Нова Горица, присуствуваше на церемонијата на отворање на првата транснационална „Европска престолнина на културата ! Нова Горица/Гориција“.
 
 
Со незаборавен културен спектакл отворањето се одржа на плоштадот Европа  кој симболично го преставува срцето на Нова Горица (Словенија) и Гориција (Италија), два града во две земји кои здружени испишуваат ново поглавје во културата – „Без граници“. Настаните во рамки на програмата под наслов „Од станица до станица“, во текот на целиот ден се одвиваа  низ улиците и плоштадите, оживеани од музичари, играорци и други изведувачи.
 
 
Нова Горица и Гориција, како Европска престолнина на културата со преку 600 културни активности и околу 60 проекти заедно ќе ја слават заедничката историја, отворените граници и културната разновидност на регионот. Годинава, и Кемниц, Германија, е прогласен за Европска престолнина на културата.
Иницијативата Европска престолнина на културата постои од 1985 година и до сега оваа титула ја понесоа 60 градови. Целта на иницијативата е да се истакне културната разноликост и културното  богатство на Европа како и да се поттикне културниот развој на градовите. 
Градот Скопје е избран за Европска престолнина на културата за 2028 година.
 
Љутков со еврокомесарката за проширување , Марта Кос

„Титулата Европска престолнина на културата е можеби една од најдобрите можности за збогатување на нашата културна сцена, како и за создавање трајни ефекти на економски, социјален и еколошки план. Активностите во овој процес ја стимулираат и поддржуваат мобилноста на уметниците и размената на знаења и искуства на културните професионалци“, рече Љутков на Состанокот на министрите за култура од Западен Балкан, во Нова Горица, каде присуствува на покана на министерката за култура на Словенија, Аста Вречко.