Нова финансиска поддршка од Еуримаж за македонската филмска продукција


Европскиот фонд за копродукција и дистрибуција на креативни кинематографски и аудиовизуелни дела – Еуримаж  ќе обезбеди финансиска поддршка за вкупно 17 меѓународни филмски копродукциски проекти меѓу кои и Филмот „Тело“.

Оваа одлука е донесена на 161-ва сесија на Европскиот фонд за копродукција и дистрибуција на креативни кинематографски и аудиовизуелни дела, одржана од 7- 11 декември оваа година, информира националниот претставник во Еуримаж, Татјана Пепељугоска.

Филмот „Тело“ е копродукциски проект меѓу Словенија, Хрватска и Северна Македонија во режија на Петра Селишкар. Македонскиот копродуцент „ППФП“ од Скопје, кој главно е фокусиран но продукција на документарни филмови, е и основач на Фестивалот на креативен документарен филм МакеДокс и МакеДокс патувачкото кино.

Еуримаж во 2020 година финансиски има поддржано и четири филмски проекти во кои свое учество имаат и продуцентите од нашата држава.

Претходно, поддршка добија проектите „Преекспонирано“ во режија на Елеонора Венинова, „Зад стоговите сено“, кој е прва копродукција меѓу Грција, Северна Македонија (Сектор филм од Скопје) и Германија по потпишување на Преспанскиот договор, „Мојата мајка е космонаут“ во режија на Анди Делиана, албанско-македонска копродукција со учество на македонскиот продуцент „Дрим фектори“ од Скопје и на последнава сесија долгометражниот документарен проект „Тело“, словенечко-хрватско-македонска копродукција.

Поддршката од Еуримаж не само што е важна за финансискиот аспект на филмските буџети, туку тоа претставува и дополнителна можност и перспектива за циркулација на проектите во другите европски држави. Европскиот фонд Еуримаж од своето основање во 1989 година до денес поддржал 2.136 копродукциски проекти со вкупен буџет од 619 милиони Евра.