Нова етапа од војната: Горат складишта за оружје и во Русија
Руските власти на окупираниот полуостров Крим известија за соборување на неколку беспилотни летала, вклучително и во близина на аеродром што го користат владините авиони. Гувернерот на Севастопол, Михаил Развозаев, потврди дека е соборен дрон во близина на воениот аеродром Белбек, северно од градот, кој се користи и за цивилни цели, но и за владини авиони.
Руската новинска агенција ТАСС јави дека украинско беспилотно летало е соборено во четвртокот кај Керч, во најисточниот дел на Крим.
„Според прелиминарните податоци, украинско беспилотно летало е соборено на голема оддалеченост од мостот на Крим. Нема жртви или штети“, Владимир Рогов, кој е член на главниот совет на воено-цивилната администрација на блискиот регион Запорожје, напиша во „Телеграма“. Прес-службата на управата на Керч соопшти дека најпрвин таму се слушнал звук сличен на гром, а сведоците зборуваат за две експлозии, пренесува БТА.
Кримскиот мост го изгради Москва по анексијата на полуостровот на лична иницијатива на Путин, кој лично го отвори додека возеше товарен камион.
Во исто време, забележани се пожари во две складишта за муниција во руската област Белгород, на границата со Украина. Надлежните ги истражуваат причините за пожарите кај селата Тимоново и во Стараја Нелидовка. Во двата пожари нема жртви, но населението е евакуирано, пренесе руската новинска агенција Интерфакс.
На почетокот на неделата, советникот на украинскиот претседател Михаило Подолијак во интервју за британски „Гардијан“ изјави дека Киев ќе се фокусира на удари на окупираните територии во наредните месеци како дел од својата контраофанзива. Претседателот Володимир Зеленски рече дека Украина има за цел да го ослободи Крим, кој беше анектиран од Русија во 2014 година. Од 9 август, кога беше крената во воздух воената база Саки, каде според разузнавачките податоци беа уништени најмалку осум руски воени авиони, забележани се експлозии во уште две руски воени бази на полуостровот. Во еден од случаите руските власти признаа дека се работи за „саботажа“. Оштетени се патиштата и пругите.
Во меѓувреме, руските единици го засилуваат притисокот врз вториот по големина украински град – Харков. Вкупно 17 лица загинаа, а 42 се ранети во два одделни руски напади врз градот во четвртокот.Тројца цивили загинаа, а 17 се ранети во ракетен напад пред зори во четвртокот, соопшти локалната служба за итни случаи. Тоа уследи по рускиот напад врз Харков во средата, за кој првично беше објавено дека загинале 12 цивили. Гувернерот Олег Синегубов подоцна изјави дека биле пронајдени уште тела додека спасувачите ги расчистувале уништените куќи.