Нова Еко Скопје платформа за пријавување полни контејнери, депонии – Ѓорѓиевски уверува дека веднаш ќе се постапува
Полните контејнери, создадена дива депонија, полн контејнер со кабаст отпад, непријатна миризба, отсега може да пријавувате преку новата платформа на Град Скопје, изработена во соработка со триесетина млади луѓе во рамки на ЛИФТ.
Различно за оваа платформа од досега постоечките е што градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски тврди дека пријавите од граѓаните ќе стигнуваат во ИТ одделението во Градот, кои ќе бидат задолжени за одржување на платформата, да ги препраќаат до надлежните, односно најмногу до „Комунална хигиена“.
– Преку платформата Еко Скопје, ќе може да се следи состојбата со квалитетот на воздухот, каде на едно место ќе се гледаат и официјалните податоци од Министерството за животна средина и од приватните мерачи“, рече Иван Јованов, извршен директор на ЛЕАД.

„И јас живеам во градот, пешачам и ги гледам истите проблеми, го дишам истиот воздух и знам колку може да биде фрустрирачки. Честитки до тимот и организацијата за оваа платформа која овозможува граѓаните и младите да бидат слушнати а градските служби ефективно да реагираат. Но можеме да ги имаме и најдобрите закони и најновата технологија, ама ако не го смениме нашето однесување и начинот на кој ги третираме улиците, парковите и околината тогаш напредокот останува лимитиран. Денешниот ден не е крајот на приказната, туку е само почетокот“, изјави Еваут Сандкер, претставник на Европската комисија.
Како што појасни младиот Андреј Божиновски платформата Еко Скопје 2 е направена да не може да се манипулира, односно, сите оние кое сакаат да пријават некој проблем, може да го поддржат тоа со фотографија, но локацијата ќе ја сликаат преку апликацијата во реално време, а нема да може да се ставаат слики од контентејнери и депониии, сликани одамна.
Платформата овозможува пријава на проблем како анонимен корисник, но може да се отвори и профил, каде се бележат сите пријави и постапувањето на институциите за решавање на проблемот. Штом контејнерот биде испразнет на пример, оној кој пријавил добива нотификација дека работата е завршена. Доколку имате профил, тогаш следуваат и поени, кои на крај може да ви донесат и некоја награда.
Целта на оваа платформа е да ги поттикне граѓаните, но пред се надлежните претпријатија, навремено да ја завршуваат работата, а градот да биде почист. Исто така, има можност и за иницијативи за одредени еко акции, на кои ќе може да се постави време, локација, цел, а другите корисници да се пријават за присуство.
„Како функционира „ЕкоСкопје“? Кога ќе забележите дива депонија, проблем со контејнер или друг еколошки проблем, преку платформата испраќате пријава со точна локација, фотографија и краток опис. Така, службите полесно ќе го пронајдат местото и ќе имаат појасна слика за состојбата на терен. По поднесувањето, можете да го следите статусот на пријавата. За граѓаните тоа значи полесно пријавување, поголем увид во постапувањето и подиректна комуникација со институциите. За нас, тоа е дополнителна обврска за одговорност и видливи резултати. Зад секоја пријава стои наш сограѓанин кој очекува решение. Затоа, вредноста на оваа платформа ќе ја мериме преку решените проблеми и промените што граѓаните ќе ги почувствуваат во своето маало“, порача градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Тој се заблагодари до Европската Унија за финансиската поддршка, до ЛЕАД, а особено до младиот Андреј и целиот тим ентузијасти кои со знаење, труд и верба во својата идеја ја создадоа „ЕкоСкопје“.
– Граѓаните ќе можат во реално време, постојано да пријавуваат одредени девијантни појави , но и пропусти. Тука ќе се види брзата реакција на градот и на службите коишто ќе треба сега ако се работи за депонија, покомплицирана работе, ќе треба неколку денови за да се сработи истата, но кога се работи за одредени ситни пропусти, тогаш же можеме веднаш да постапиме со службите – рече Ѓорѓиевски.
„На Скопје му се потребни идеи кои стануваат дела и соработка што носи видливи промени. Денес промовираме токму таков пример, платформа создадена од младинската енергија. Трудот на младите заслужува признание и практична поддршка а наша обврска е да создадеме простор нивните предлози да добијат примена. Ги повикувам граѓаните да ја користат платформата, а младите ги охрабрувам да продолжат да создаваат“, порача Ѓорѓиевски.
Доколку некој пријави контејнер или локација која не е во надлежност на Град Скопје, службите на градот ќе бидат задолжени, пријавата да ја препратат до колегите во соодветните општини.
Апликацијата наскоро ќе може да се најде и на PLayStore и на APPStore.(Б.Б.)