Нова донација од Норвешка во вредност од 100.000 евра за медицински материјали


Заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска и аташето за одбрана на Норвешка Егил Далтвеит потпишаа Протоколот за донација од Норвешка за Република Северна Македонија во потрошен медицински материјал во износ од 100 илјади евра.

Овие средства, соопштија денеска Министерство за одбрана, се дополнување на 200 илјади евра што Норвешка веќе ги обезбеди преку Агенцијата за поддршка и набавка на НАТО.

Како што се појаснува во соопштението, вкупниот износ од 300 илјади евра ќе се искористи за обезбедување медицински материјал и опрема наменети за мобилната болница ROLE 2 MTF, која е исто така норвешка донација, и која Министерството за одбрана и Армијата ја поставија до Клиниката за инфективни болести во Скопје, со што се овозможија дополнителни 130 до 200 болнички легла.

– Чекорот на Норвешка е уште еден во низата позитивни примери на помош и поддршка на членките на НАТО кон Република Северна Македонија, како искрено добредојде на нашата земја во Алијансата, стои во соопштението на МО.