Нова депонија на Шапка: Природата нам со убавини, ние со ѓубре


Несовесноста на граѓаните и нефункционалниот систем ни помагаат да бидеме успешни во единствениот национален спорт што го играме сите: фрлањето ѓубре и уништување на природата.
Фотографиите што вчера ги направивме од туристичкиот центар Попова Шапка сведочат за раѓање дива депонија среде прекрасниот пејзаж над Тетово. Купишта ѓубре, кабаст отпад, па и градежен шут очигледно не се истураат стихијно бидејќи се носат со камиони.


Станува збор за депонија што настанала веднаш зад последните куќи во туристичката населба, на патот кон Јелак. Вљубениците во природата и редовните посетители се жалат дека ситуацијата се влошува од ден во ден, а никој не презема ништо да се расчисти отпадот и да не се дозволува трупање на ѓубрето. Единствената добра работа е што патот кон Шапка е речиси целосно реновиран.
Владата најави дека најдоцна до октомври ќе одлучи како ќе го развива овој центар, кој нуди потенцијал особено зиме. Дотогаш ќе биде готов длабинскиот увид и физибилити-студијата што треба да покажат која е економската оправданост за инвестиции. Од „Илинденска“ тврдат дека се посветени да се врати сјајот на Попова Шапка како туристичка дестинација.