Нова демократија со 14 отсто предност пред СИРИЗА


Предност на Нова демократија со 14 осто повеќе од СИРИЗА, во пресрет на евроизборите во јуни, но со намален рејтинг во споредба со резултатите од ланските парламентарни избори, покажува истражувањето на јавното мислење на „Metron Analysis“ за грчката телевизија Мега, јави дописничката на МИА од Атина. 

Нова демократија добива 26,8 отсто, СИРИЗА е втора со двојно помал рејтинг, односно 12,8 проценти, трета е ПАСОК со 9,9 отсто, а потоа следат Комунистичката партија и Грчко решение со над шест проценти. 

На прашањето кој е најсоодветен за премиер, актуелниот претседател на Владата Кирјакос Мицотакис е на првата позиција со 35 отсто, веднаш зад него е „никој од понудените“ (33 проценти), додека пак лидерот на СИРИЗА Стефанос Каселакис добива само девет отсто. 

Во однос на тоа во која насока оди земјата, над шест од десет анкетирани (64 проценти) одговориле дека Грција оди „во погрешна насока“. 

Најважни проблеми за граѓаните се поскапувањата на цените и економијата. 

Истражувањето на јавното мислење на „Metron Analysis“ за телевизијата „Мега“ било спроведено 10 до 16 април и биле анкетирани 1.304 лица со право на глас.