Нова демократија ги загуби Атина, Солун и пет периферии во вториот круг од локалните избори во Грција


Промени во двете најголеми грчки општини, пресврт во пет периферии, загуби за владејачката Нова демократија, но и мала излезност, ги одбележаа вториот круг од локалните избори во Грција, а грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис синоќа коментираше дека „не беше особено добра вечер“ за неговата партија, јави дописничката на МИА од Атина.

Наспроти првиот круг пред една седмица, кога Нова демократија имаше речиси апсолутна доминација и во перифериите и во општините, вчера, ги загуби Атина и Солун, како и пет од шесте периферии во кои се одржа втор круг.

Во општина Атина, излезноста вчера беше 26,37 отсто, Харис Дукас, кој имаше поддршка од ПАСОК и СИРИЗА, победи со 55,96 проценти од гласовите, наспроти досегашниот градоначалник Костас Бакојанис,поддржан од владејачката Нова демократија, кој освои 44,04 проценти.

Бакојанис откако беа соопштени резултатите, рече дека телефонски разговарал со Дукас и му ја честитал победата, истакна дека лично тој е одговорен за исходот, но и дека си заминува со крената глава.

Новиот атински градоначалник порача дека Атина победи, а градот врти нова страница.

Во втората најголема грчка општина, во Солун, нов градоначалник е независниот кандидат Стелиос Ангелудис, кој доби двојно повеќе гласови од досегашниот градоначалник Костантинос Зервас од Нова демократија.

Втор круг од локалните избори вчера се одржа во шест од 13 периферии и во 84 од 332 општини, а излезноста беше особено мала, гласаа 40,71 отсто, наспроти 52,5 проценти минатата недела.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис синоќа рече дека ниската излезност е нешто што треба сите да ги загрижува, а во однос на резултатите и политичките заклучоци од вториот круг, посочи дека „не беше особено добра вечер за Нова демократија“, но додаде дека „политичките заклучоци за распоредот на силите на партиите всушност беа донесени во првиот круг“.

-Во однос на политичките пораки, само едно ќе кажам: Владата мора да биде добро приземјена. Во секое време да ги прима политички пораки и со сите сили да се бори за подобрување на секојдневието на грчките граѓани. Тоа е она што ќе продолжиме да го правиме, со акцентот на нашата реформска агенда, рече Мицотакис.

Префектите и градоначалниците во Грција одново ќе имаат петгодишен мандат како што важеше во периодот 2014-2019 година, а ќе стапат на функција на 1 јануари 2024 година, и ќе ја извршуваат до 31 декември 2028 година.