Нов земјотрес во Авганистан, најмалку пет жртви
Пет лица загинаа денеска во источен Авганистан во нов земјотрес што е регистриран во близина на епицентарот на разорниот земјотрес што се случи пред два дена.
Јачината на денешниот земјотрес бил 4,3 степени според Рихтеровата скала, а епицентарот се наоѓал во близина на пакистанско-авганистанската граница, јавува „Ројтерс“.
„Според првите информации, пет лица загинаа во земјотресот што се случи во Пактика во областа Гајан“, изјави портпаролот на авганистанското Министерство за здравство.
Во првиот земјотрес загинаа повеќе од 1.000 луѓе, а најмалку 2.000 беа повредени. По само 48 часа акцијата за спасување на преживеани беше прекината, без образложение зошто.
Авганистанските власти соопштија дека се фокусираат на помош на раселените, односно оние кои останаа без покрив над главата, а во моментот живеат под ведро небо, само со платно распнато на неколку стапови.