Премиерката Ардерн ја откажа свадбата откако воведе нови мерки против Омикрон

Нов Зеланд– Премиерката на Нов Зеланд, Џесинда Ардерн, ја откажа својата венчавка откако воведе нови коронамерки во земјата поради ширењето на омикрон. Во целата земја ќе важи највисокото ниво на рестрикции, што подразбира и носење маска во продавници и јавен превоз и ограничување на собирите на 100 вакцинирани луѓе.
Ардерн истовремено потврди дека ја откажува венчавката со својот долгогодишен партнер Кларк Гејфорд, што требаше да се одржи во наредните недели.
„Јас не сум ништо поразлична од илјадници Новозеланѓани кои почувствуваа и поуништувачки последици на пандемијата, особено оние кои не можат да бидат со своите најблиски кога се тешко болни. Тоа надминува која било тага што јас ја имам искусено“, изјави Ардерн.
Таа ги повика жителите на земјата што поскоро да примат бустер вакцина, доколку поминале најмалку четири месеци од примањето на втората доза од вакцината.
– Треба да ги искористиме следните недели пред значително да се прошири вирусот за да им помогнеме на што е можно повеќе луѓе да добијат бустер доза. Местата за вакцинација денеска се отворени низ целата земја и ќе го зголемиме капацитетот во текот на целата недела, рече Ардерн.
Нов Зеланд функционираше под строги рестрикции од почетокот на пандемијата, со што успеа бројот на починати да го задржи на минимум. Околу 94% од населението над 12 години е целосно вакцинирано, а 56% од нив имаат примено и трета доза.