Нов Зеланд усвои закон за забрана на војничкото оружје


Со само еден глас „против“ Парламентот на Нов Зеланд го усвои предлог-законот со кој се забранува поседување на најголем дел од автоматското и полуавтоматското оружје.

Предлог-законот е усвоен за помалку од еден месец по нападот изведен во две џамии во Крајстчрч, при што загинаа 50 муслимански верници.

Предлогот би требало да стане закон в петок, откако ќе го одобри главниот гувернер на Нов Зеланд, што се смета за формалност.

Премиерката Џасинда Ардерн обезбеди поддршка од речиси сите партии за законот, што е реткост, а против беше само Либертаријанска партија, која има само еден пратеник. Останатите 119 пратеници гласаа „за“.

Според законот, сопствениците на забранетото оружје можат да го предадат во полиција и да добијат надомест, во зависност од староста и состојбата на оружјето. Откако ќе стапи законот во сила, секој кој ќе биде откриен дека поседува такво оружје ќе се соочи со затворска казна до пет години.