Нов Зеланд се ослободи од ковид-19


Премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн денеска изјави дека успешно е запрено ширењето на Ковид-19 во земјата односно дека привремено е елиминиран новиот корона вирус.

Веста се појави неколку часа пред Нов Зеланд да го укине највисокото ниво на физичка дистанца.

Од утре некои секундарни бизниси почнуваат со работа, а здравствените и образовните активности продолжуваат, иако од луѓето се уште се бара да останат во домовите и да избегнуваат физички контакт.

На Нов Зеланд до сега се потврдени 1.500 случаи на ковид-19 и 19 смртни случаи.

– Ја придвижуваме економијата, но не почнуваме со нашиот социјален живот. Ја добивме битката, но мораме да останеме внимателни, изјави Ардерн.

Таа истакна дека иако бројките во последните неколку дена покажуваат дека Нов Зеланд ја постигнал својата цел да го елиминира Ковид-19, тоа не значи дека нема да има нови случаи, туку дека бројот на новозаболени ќе се намали и ќе биде полесно да се контролира ситуацијата.

Ардерн изјави дека на Нов Зеланд би имало повеќе од 1.000 новозаразени секој ден доколку не беа воведени навремени рестрикции, што предвидуваа собири во мали групи односно со семејството и пријателите со почитување на растојание од два метри, големите собири се уште се забранети, како и работата на трговските центри, училиштата и градинките.

На Нов Зеланд досега се потврдени 1.469 случаи, излекувани се 1.180 лица, а починати се 19.