Нов закон во Русија: Владата може да ги регистрира новинарите како странски агенти
Руската Дума усвои предлог закон кој на владата и дава право да ги регистрира блогерите, новинарите и корисниците на социјални медиуми како странски агенти.
Предлог законот го проширува постоечкиот закон за медиуми кои се финансираат од странство, а кој е усвоен во 2017. како одговор на одлуката на американското министерство за правда да ја означи руската телевизија РТ како странски агент.
Новиот закон може да се примени на секој кој дистрибуира содржина од медиумите регистрирани како странски агенти и прима уплати од странство, пренесува Ројтерс.
„Хјуман рајтс воч“ оцени дека нацрт законот претставува понатамошен чекор кон ограничување на слободните и независни медиуми во Русија кои ќе ги погодат новинарите и блогерите.
Претставникот на ОБСЕ за слободни медиуми Арлем Дезир вчера ги повика пратениците да не го усвојуваат законот.