Нов спот на Кирил за „Врба“, филмот наскоро си оди од киносалите во Македонија

Промовирана е уште една музичка тема од саундтракот за филмот „Врба“, која ја потпишува композиторот Кирил Џајковски. Филмот на Милчо Манчевски во Македонија продолжува да ги руши рекордите на гледаност со над 26.000 гледачи за еден месец од кинопремиерата. Во таа насока, од продукцијата ги повикуваат гледачите да побрзаат да го гледаат „Врба“, бидејќи наскоро си оди од македонските киносали, а животот му продолжува на светските филмски фестивали и кинодистрибуција.

Инаку, идејата за музичката тема „Willow Dawn“ (Врбина зора) на Џајковски е претопување на „Тешкото“ во еден модерен ритам.

„Идејата за „Willow Dawn тргна од Милчо, кој предложи да се проба некоја модерна верзија на „Тешкото“. Јас имав една идеја во амбиентален трип-хоп манир, па се обидов да ги поврзам двете теми. Од таа комбинација ми се чини излезе интересен спој, каде што интензивниот звук на зурлата, електронската и ритмична подлога на некој начин интимно, а сугестивно доловуваат момент на страсна и важна пресвртница во приказната на главните ликови на филмот“, вели Џајковски.

Првиот сингл од саундракот за филмот, кој неодамна беше промовиран е „Ред Сафари“. Наскоро излегува и саундтракот за филмот.

Врба имаше светска премиера на 19 октомври на фестивалот во Рим, минатиот месец играше и на фестивалите во Тајпеј, Тајван и Талин, Естонија. Секаде доби извонредни критики и одгласи кај публиката, а медиумите во Талин го препорачаа меѓу топ 5 филмови што треба да се гледаат на фестивалот.