Нов сообраќаен режим околу ТЦ „Буњаковец“ за поголема безбедност


Нов сообраќаен режим околу ТЦ Буњаковец и подигнати пешачки платоа во близина на основите училишта и градинките во Општина Центар
Од денеска Општина Центар започнува со имплементирање на новите сообраќајни решенија на повеќе локации во општината.
Во тек е изведбата на три издигнати пешачки платоа за смирување на сообраќајот кој се одвива во зона на детските градинки и општинските основни училишта.

Трите издигнати пешачки платоа се изведуваат на улиците „Никола Тримпаре“, „Апостол Гусларот“ и улицата „9 Мај“, во непосредна близина на општинското основно училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“, матичниот објект на градинката „13 Ноември“ и клонот „Наум Наумовски Борче“ на градинката „Кочо Рацин“.

Покрај овие три, дополнително ќе бидат изведени уште шест пешачки платоа, со што ќе се зголеми безбедноста на пешаците и на децата кои престојуват во градинките и посетуваат настава во основните училишта.

Покрај изведбата на 9-те платоа, Општина Центар на локациите ќе постави нова вертикална и хоризонтална сообраќајна сигнализација.

Овие зафати се изведуваат со целосна сообраќајна проектна документација, одобрена од СВР Скопје и Град Скопје, како надлежни институции за оваа проблематика.

Изведбата на пешачките платоа ќе биде готова до крајот на оваа година, а поради градежните зафати ќе се изврши и времена измена на сообраќајот. Апелираме до граѓаните за трпение и разбирање во период додека траат градежните работи, со цел ефикасност на изведбата и поскоро пуштање во употреба на издигнатите пешачки платоа.

Покрај ова, Општина Центар сака да го најави и новото сообраќајно решение за делот околу трговскиот центар „Буњаковец“. Поради оштетувањата на знаците, после 10 години, во реонот на ТЦ „Буњаковец“ ќе се постави нова хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација.

Со поставувањето на новиот сообраќаен режим, ќе се олесни движењето на сите учесници во сообраќајот во овој дел од Центар, ќе се подобри ориентацијата и ќе се зголеми безбедноста на пешаците, велосипедистите и корисниците на алтернативните видови на сообраќај.