Нов скандал во ФИФА – Меси неправедно и со лажни гласови избран за најдобар?!


Лионел Меси во понеделникот беше прогласен за најдобар фудбалер на светот, меѓутоа неговиот избор сега е под знак прашалник по изјавите на неколку фудбалски работници дека не гласале за него.

ФИФА пред неколку дена соопшти дека Аргентинецот е најдобар фудбалер на светот според гласовите на капитените, селекторите, новинарите и навивачите, меѓутоа селекторот на Судан, челните луѓе на Фудбалската федерација на Египет и капитенот на Никарагва тврдат дека не го дале својот глас за фудбалерот на Барселона, откако веднаш по изборот беа објавени гласовите на сите членки на ФИФА.

Први се побунија од Египет и тоа откако драма направи Мохамед Салах, незадоволен од фактот што од неговата земја не гласале за него за најдобар играч, односно не му дале максимални пет поени, туку го избрале Меси. Од Фудбалската федерација на Египет веднаш реагираа и истакнаа дека капитенот и селекторот на нивната репрезентација гласале за својот сонародник и побараа од ФИФА детален извештај и објаснување за целата ситуација.

Потоа се огласи и хрватскиот стручњак Здравко Логарушиќ кој е селектор на Судан, објавувајќи го својот оригинален документ на кој се гледа дека гласал за Мохамед Салах (5 поени), Садио Мане (3) и Килијан Мбапе (1), а не за Меси (5), Ван Дајк (3) и Мане (1), како што објави ФИФА, а последен во низата е играчот на Никарагва.

„Не сум гласал за Меси. Бев изненаден кога го видов своето име меѓу капитените кои гласале за Меси. Од ФИФА ми рекоа дека ќе ми испратат линк за гласање на мејл, но никогаш не го добив истиот и поради тоа воопшто не гласав“, изјави капитенот на Никарагва Хуан Барера, а од ФИФА наведоа дека тој гласал за Меси, Роналдо и Мане.

Ова би можел да биде голем скандал, а одговорот од ФИФА се очекува набрзо.

Сепак, мора да се напомене дека ваквите скандали не се никаква новина за ФИФА, бидејќи и во претходните три години имаше вакви несакани случки и „грешки“ во гласањата, а за нашата јавност најпознат е случајот со Горан Пандев од пред шест години, додека ФИФА и „Франс фудбал“ се уште доделуваа заедничка награда. Тогаш, според објавените резултати на ФИФА, Пандев гласал за Висенте дел Боске за најдобар тренер на светот, но потоа капитенот на нашата фудбалска репрезентација јавно се огласи и истакна дека гласал за Жозе Мурињо.

„Јас гласав за Мурињо за тренер на годината и убеден сум дека чудни работи се случиле кога се пребројувале гласовите. Според листата на ФИФА, јас сум гласал за Дел Боске, но јас гласав за Мурињо. Дури и му се јавив и ми кажав дека гласав за него. За жал, чудни работи се случуваат во ФИФА“, изјави Пандев тогаш, а од ФФМ истакнаа дека кога пристигнал прашалникот од ФИФА Пандев бил контактиран за да го потврди својот избор. Од македонската куќа на фудбалот тогаш потврдија дека капитенот го избрал Мурињо за најдобар тренер и му дал 5 поени, но при пополнување на прашалникот дошло до техничка грешка, поради што ФФМ јавно упати извинување до ФИФА, Жозе Мурињо и Горан Пандев.

Сепак, кога станува збор за изборот на Меси, според бројот на „спорни“ гласови и начинот на кој според директно инволвираните истите биле оригинално распределени, лесно се доаѓа до заклучок дека промени во самиот избор не би требало да има, бидејќи Меси беше прв со 46 поени, пред Ван Дајк со 38 поени, кој пак, имаше два бода повеќе од Кристијано Роналдо. Веднаш зад водечката тројка заврши Мохамед Салах со 26, кој според оригиналните гласови на луѓето кои тврдат дека биле оштетени би имал далеку подобар скор и единствената промена би можела да се случи евентуално на третото место каде Египќанецот би бил на местото на Роналдо, но и тоа е малку веројатно.