Нов шок: Реџепи ја дотепа очајната Шкендија


Нов шокантен пораз и дебакл за македонскиот шампион во европските квалификации ова лето. Тетовска Шкендија загуби со 1:2 на арената „Тоше Проески“ од аутсајдерот Дуделанж и им приреди нов шок на своите навивачи кои очекуваа летово голем исчекор од своите миленици и пласман во групната фаза од Лигата на Европа.

По поразот и елиминацијата од Номе Калју, Шкендија повторно доживеа срамен пораз на домашен терен. И тоа повторно на идентичен начин. Македонскиот шампион поведе по прецизно изведениот пенал од страна на Агим Ибраими, а до крајот гостите успеаја да направат пресврт и да слават со 2:1.

Главен виновник за двата гола е младиот и неискусен голман на Шкендија Беким Реџепи кој го зазеде местото на Костадин Захов кој исто така правеше грешки на минатиот меч со Номе Калју, но овојпат Реџепи беше директен виновник за двата гола со неверојатни киксови.

Најпрво во 64. минута од мечот младиот голман имаше погрешна проценка на ситуација, истрча од голот и топката го прескокна, а тоа го искористи Бетаиб кој ја затресе мрежата. Само четири минути подоцна Реџепи направи прекршок врз противнички играч во сопствениот шестнаесетник и судијата покажа на белата точка, а сигурен реализатор на пеналот беше Даниел Синани, кој го комплетираше пресвртот на гостите за само неколку минути.

 

 

Со ова, Шкендија ќе мора да брка негатива од еден гол. Тренерот Ќатип Османи ќе мора брзо да ги решава работите во таборот на Шкендија која ова лето во своите редови има фантастични индивидуалци, но очигледно е дека нешто не функционира, бидејќи вторпат летово тотален аутсајдер си заминува со победа од Скопје.

Шкендија денеска доминираше на теренот, имаше неколку добри шанси, но повторно изостана реализацијата, поради што гостите од Луксембург ги казнија тетовските „црвено-црни“.

Реваншот меѓу Дуделанж и Шкендија во Луксембург се игра в четврток, македонскиот шампион ќе мора под итно да ја поправи својата игра и да ја подигне барем за едно ниво повисоко ако сака да опстане во Европа.