Нов шестгодишен мандат за Хари Костов и Маја Стевкова-Штериева како претседател и член на УО на Комерцијална банка


 

Хари Костов, претседател на Управниот одбор и Маја Стевкова-Штериева член на Управниот одбор и во наредните шест години ќе бидат на кормилото на Комерцијална банка, соопштија од банката.

Известувањето беше денеска проследено преку Македонската берза, согласно правилата за котација.

„Врз основа на член 33 од Правилата за котација на Македонската берза на хартии од вредност, Комерцијална банка АД Скопје известува дека согласно Одлука на Надзорниот одбор на Банката и издадена согласност од Народната банка на Република Северна Македонија, од денес – 24.11.2022 година продолжен е мандатот за период од шест години на постојните членови на Управниот одбор на банката – Хари Костов, Претседател на Управниот одбор и Д-р Маја Стевкова-Штериева, член на Управниот одбор“, се вели во информацијата објавена на берзата.

Комерцијална банка со години е во врвот на македонскиот банкарски систем, остварувајќи извонредни деловни резултати. Таа повеќе пати има добиено и меѓународни признанија од реномирани финансиски магазини и институции (девет пати беше банка на годината во Македонија според Банкер, има и 11 признанија за најдобра банка во Македонија од Глобал Фајнанс, како и признанија од Јуромани, ЕБОР, Виза…).

Во периодот од 01.01-30.09.2022 година Комерцијална банка АД Скопје од своето работење оствари позитивен финансиски резултат во износ од 1.850,8 милион денари, што е за 36,6 отсто повеќе од истиот период минатата година кога изнесуваше 1.355,1 милион денари.