Нов сајт ревакцинација.мк за пријава на оние кои се вакцинираа во Србија, но над 60 години


Вакцинацијата во Македонија продолжува со исто темпо, а следната недела се очекуваат 20.000 вакцини донација од Грција и 50.000 од Бугарија.

Дополнително во јуни пристигнуваат вакцини преку Ковакс, но и кинески вакцини, па министерот Венко Филипче очекува вакцинацијата да продолжи со ова темпо, од околу 10.000 вакцинирани дневно.

– Отвораме уште еден сајт, ревакцинација.мк, на која ќе се пријавуваат граѓаните кои се вакцинираа во Србија, да можат да се пријават кај нас и да бидат ревакцинирани со „АстраЗенека“. Сепак, останува кај нас да се ревакцинираат само граѓани постари од 60 години – појасни Филипче.

-Очекуваме околу 20 јуни да има најголем број за ревакцина со „Астра Зенека“. Според нашите критериуми, може да обезбедиме една количина и кај нас од нашите вакцини на „Астра Зенека“ и согласно тоа да го направиме планот, изјави Филипче, напоменувајќи дека се работи само за граѓаните над 60 години бидејќи одлуката на нашата земја е да не се имунизиираат помлади од таа возраст со оваа вакцина.

Додаде дека сертификатите на граѓаните ревакцинирани во Србија се сосема валидни и ги имаат сите технички карактеристики што се бараат на граничните премини, исто како и нашиот сертификат. Во завршна фаза е и изготвување апликација во однос на внесување QR-кодовите за ПЦР-тестовите.

Министерот вели дека во следниот период ќе се разгледува можноста за вакцинирање деца од 12 до 16 години, откако САД го дозволи тоа со „Фајзер“ вакцината, со цел учениците да се вратат во училиште од 1 септември.