Нов рок за автопатот до Штип е крајот на месецов


По неколку најави за сигурно пуштање за сообраќај на автопатот Миладиновци-Штип, и потоа одложувања, вчера стигна нов рок – за 10-15 дена. Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов изјави дека уште 10-ина километри автопат немаат заштитна мрежа и кога таа ќе се допостави ќе може да се вози по автопатот.

„На мое и на ваше задоволство можам да кажам дека направив увид и некаде на десетина километри во моментов не е завршена мрежата. Ако земете предвид дека некаде на еден километар на ден се поставува мрежа, значи за 10 до 15 дена ќе биде пуштен патот. На некои места ќе има времен сообраќаен режим, каде што ќе се прават клучките за помошните места, за сервисните патишта за граѓаните да си одат до своите парцели“, објасни Китанов.

Договорот за изградба на делницата беше потпишан во ноември 2013 и предвидуваше изградба на автопат во должина од 53 километри и ширина од 29 метри, со по две коловозни ленти во двата правци и една дополнителна лента за застанување. Камен-темелникот беше ставен во февруари следната година, а од март почна изградбата. Беше најавено дека ќе се изгради за 36 месеци.

Со анекс на договорот со кинескиот изведувач „Синохидро“, автопатот доби нов рок – септември минатата година.

„Од изведувачот ‘Синхидро’ добивме известување на 19 декември дека автопатот е готов, но повторувам по кој знае кој пат дека бевме во инспекција и видовме дека еден дел од сервисните патишта и што е поважно за безбедноста на учесниците во сообраќајот мрежите што се покрај автопатот не се завршени. Беа завршени 60 отсто, а 40 отсто не беа завршени и затоа дадовме налог кинескиот изведувач ‘Синохидро’ да си ги заврши“, изјави вчера Китанов.

Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) тврди дека изминативе месеци не биле изгубени – се коригирале грешките што се направиле при проектирањето на автопатот, во кои не било предвидено пристап на сервисни патишта за населението од Светиниколскиот Регион.

За да се доврши патот, треба да се доизведат градежни работи, за кои од ЈПДП велат дека се незначајни и надвор од автопатот, и опфаќаат пристапни патишта, одводнување и заштитна ограда на еден дел од автопатот.

„Докомплетирањето на градежните работи ќе трае 4 месеци, а што се однесува до избор на изведувач, ве известуваме дека на 20.5.2019 година ќе има отворање на понуди и по завршување на целата постапка, ќе се знае кој е избраниот изведувач“, ни изјавија од јавното претпријатие.

Дополнителните работи ќе чинат 354.000.000 милиони денари или 5,75 милиони евра.

Од ЈПДП велат дека на крајот на месецов автопатот ќе биде пуштен под времен режим на сообраќај

„Поради безбедноста на граѓаните, која е најважна, се вршеа последните проверки и процени на сите елементи од автопатот, но исто така беше потребен и привремен извештај за времена употреба на автопатот од страна на надзорниот орган за да се пушти во употреба“, велат оттаму. (А.С.)

Фото: Б. Грданоски