Нов рекорден промет на „Алибаба“ од 56 милијарди долари на Денот на самци

Кинеската компанија „Алибаба“ постави нов рекорд во продажба на стоки преку Интернет во вредност од 56 милијарди американски долари за време на годинешниот празничен шопинг, Денот на самци, но тој подвиг беше засенет од падот на акциите на компанијата за 8,0 проценти предизвикан од предложените кинески антимонополски регулативи.

Денот на самци е традиционален 24-часовен трговски настан во Кина кога продавачите нудат десетици милиони производи со огромни попусти на платформите за е-трговија управувани од Алибаба, JD.com и други. Кинескиот празничен шопинг има поголем промет од Црн Петок (Black Friday) и Кибер Понеделник (Cyber Monday) во САД заедно, пренесува Си-Ен-Би-Си.

Оваа година онлајн трговците JD.com и „Алибаба“ го продолжија шопинг празникот кој почна на 1 ноември и ќе трае до 12 ноември до полноќ.

„Алибаба“ соопшти дека бруто вредноста на стоките (ГМВ), бројка што ја покажува вкупната вредност на нарачките преку платформите за онлајн купување на Алибаба, надминала 372,3 милијарди јуани (56,42 милијарди долари) до пладне по пекиншко време. Таа сума ја вклучува вкупната вредност на нарачките од почетокот на настанот на 1 ноември.

Оваа сума е значително поголема од 268,4 милијарди јуани ГМВ, што „Алибаба“ ги регистрира минатата година за време на 24-часовното тргување на Денот на самците.