Нов рекорден број на новозаразени во светот


Светската здравствена организација соопшти дека во изминатите 24 часа е постигнат нов рекорд во бројот на заболени со коронавирусот, односно 294.237 луѓе.

Во извештајот на состојбата објавен вчера СЗО наведува дека на светско ниво бројот на заболени надмина 21 милион луѓе. Во последните 24 часа починале 9.985 заболени со што бројот на смртни случаи во светот изнесува 755.786 луѓе.

Овие бројки на СЗО доаѓаат и во период во кој се намалува бројот на тестови во Соединетите американски држави, тренд кој може да ги поткопа обидите за следење на заболените. Дневните тестирања во САД се за околу девет отсто помалку од крајот на јули.

Здравствените експерти сметаат дека долгите чекања за тестирања, одложувањето во давањето на резултатите и тоа што младите во голем дел се асимптоматски случаи ги одвраќа Американците од тестирање.