Нов рекорд во Црна Гора: Годишната инфлација достигна 11,7 отсто
Потрошувачките цени во мај годинава во Црна Гора, во однос на истиот месец од 2021 година, се во просек повисоки за 11,7 отсто, покажуваат новите прелиминарни податоци на Заводот за статистика – Монстат. Ова претставува нова рекордна вредност уште од периодот пред кризата во 2008 година.
За истиот период, усогласениот индекс на потрошувачките цени – кој се однесува на финалната потрошувачка на целото население на една земја и претставува споредлива мерка за инфлација со земјите од Европската унија – изнесува 10,6 отсто, пишува Банкар.ме.
Според податоците на Монстат, од мај минатата до истиот месец годинава, најдрастично поскапување е забележано кај лебот и житариците од 37,1 отсто, потоа кај горивата од 34,2 отсто и кај зеленчукот од 30,8 отсто. Истовремено, цените на цврстите горива се зголемени за 26,3 отсто, маслата за 23,1 отсто, а млекото и јајцата за 21 отсто.
Значителен пораст на цените имаа и кафето и чајот (18 отсто), слатките и медот (15,4 отсто), месото (13 отсто) и патниот транспорт (13,1 отсто). Истовремено, најмногу паднале водоснабдувањето за 7,5 отсто, канализацијата за 4,8 отсто, а телефоните и опремата за 4,5 отсто.
Месечната инфлација продолжува да забавува.
„Цените на стоките и услугите за широка потрошувачка, мерени преку индексот на потрошувачките цени, во април во однос на март се повисоки за 0,8 отсто во просек“, се вели во соопштението, потсетувајќи дека стапката еден месец претходно била 1,9 отсто.
Резултатите покажуваат дека најголемо влијание врз месечната стапка на инфлација имаа зголемените цени на месото, дрвото и јагленот, млекото и јајцата и сместувањето.
„Гледано по производи и услуги, во мај, во однос на претходниот месец, пораст е забележан во групите: ресторани и хотели (3,4 отсто), домување, вода, струја (1,7), храна и безалкохолни пијалаци (1,6) , и мебел и покуќнина (1,1), додека најголем пад е забележан во групите: превоз (2 отсто)“, прецизираат од Монстат.
Потрошувачките цени во првите пет месеци од годинава, во однос на истиот период од 2021 година, се во просек повисоки за девет отсто.