Нов протест за ослободување на осудените за 27 април
Повеќе илјади граѓани вечерва се собраа на нов протест на кој бараат ослободување на осудените за настаните на 27 април, кои ги нарекуваат „уставобранители“. Протестот почна пред Владата во 18:30 часот под мотото „Правда за уставобранителите“. Насобраните потоа се упатија кон Собранието. Меѓу нив е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и повеќе функционери на партијата. ВМРО-ДПМНЕ официјално не е меѓу организаторите на протестот, но му даде поддршка.
Беше прочитана декларација со барање за ослободување на осудените, затоа што, наводно, биле осудени во политички монтиран процес. Протестирачите бараат Врховниот суд да го поништи судењето, да ги укине пресудите и да има ново судење, затоа што, според нив, пресудите се базираат на лажни сведочења.
Ова е втор протест, официјално во организација на македонски заедници и организации од дијаспората за поддршка на осудените за 27 април. Првиот беше на 25 април.