Нов протест на албанската опозиција


Со обраќањето на лидерот на Демократската партија Љуљзим Баша и пеење на албанската национална химна пред партиското седиште, попладнево заврши денешниот седми по ред протест на обединетата албанска опозиција.

Во својот говор пред насобраните приврзаници на опозицијата, Баша порача дека нема ниту избори со албанскиот премиер Еди Рама, ниту пакт со „балканскиот Мадуро“ и им вети на Албанците кои ги поддржуваат протестите дека никогаш нема да ги изневери .

– Часовите на бандата се одбројуваат. Кој не разбрал, добро и јасно нека разбере дека избори со Рама нема да има, ниту пакт со “балканскиот Мадуро“. Овој отпор почна за да го врати владеењето на секој Албанец и нема да запре додека тоа не стане реалност. Никој во овој протест не е овде за столче на власта, а уште помалку за пазарење, туку да се стави крај на пазарењата врз грбот на народот, истакна Баша.

Но, тој со својот говор не се обрати само на, како што рече, „народот во опозиција“, туку ги повика и разочараните социјалисти да им се придружат.

– Измамени, предадени социјалисти, подигнете ја главата, придружете се кон движењето на надежта, порача Баша.

И денешниот протест на опозицијата мина со тензии, обиди за насилно влегување во Парламентот, каде се одржуваше пленарна седница, фрлање димни бомби и тврди предмети врз полицијата и директни судири меѓу демонстрантите и полицајците.

Пред насобраните илјадници приврзаници на опозицијата и незадоволни граѓани се обратија и повеќе, сега поранешни пратеници, како и лидерите на неколку партии.

Инаку пред доаѓањето пред седиштето на Демократската партија, насобраната толпа од пред Парламентот се префрли пред зградата на Министерството за внатрешни работи, каде беше побарано ослободување на притворените учесници на протестите, со извикување „ослободете ги нашите деца“ и фрлање црна боја врз објектот.