Нов препев на поезијата на Мајаковски на македонски јазик од Славе Ѓорѓо Димоски

Во издание на издавачката куќа „ПНВ Публикации“, како трета книга во едицијата „Колоси“ деновиве од печат излезе книгата „Песни“ од Мајаковски во избор и препев на Славе Ѓорѓо Димоски.
За разлика од досегашните преводи и препеви на тој значаен руски и советски поет, во овој избор се застапени песни од неговиот рана творечка фаза и песни инспирирани од неговите патувања по Европа, Америка и Мексико, односно во збурката нема песни кои го врзуваат за неговиот однос кон Октомвриската револуција.
Во книгата се вклучени и три поеми: „Облак во панталони“, „’Рбет – флејта“ и „Љубам“. Поемата „Облак во панталони“ на македонски јазик првпат е преведена во 1970 год. од Слободан Мицковиќ, но во овој препев се дава нова визура на секогаш актуелниот поетски јазик на Мајаковски, што поемата ја прави и денес актуелна. Кон изборот се додадени и неговата автобиографија „Лично Јас“, и „Прилози“ подготвени од препејувачот во кои се дава поблиска слика за животот и делото на овој великан.
Како препев на Славе Ѓорѓо Димоски во 2021 година во истата едиција „Колоси“ излезе книгата „Песни“ од Сергеј Есенин во која се застапени песни што дотогаш не беа преведувани на македонски јазик, песни од неговата боемска фаза.