Нов почеток без крај за предметите на СЈО


Фото: Б. Грданоски

Судењето за насилствата пред Општина Центар, што се случија на протестите во јуни 2013 година, вчера почна одново поради истекот на 90 дена од одржување на последното рочиште. Иако судскиот процес за овој предмет почна пред три години, обвинителката што го води овој случај, Фатиме Фетаи, пак даваше воведни зборови и обвинетите пак се изјаснуваа дали се виновни. Во овој рок од 90 дена кој треба да го испочитуваат судиите во закажувањето на рочиштата беше закажано рочиште, но беше одложено бидејќи предметот во тој момент бил на увид во Судскиот совет. Од Судскиот совет не одговараат зошто го побарале и вршеле увид во овој предмет.

Првообвинет во овој случај за насилствата и нарачувањето на шлаканиците во општина Центар, е поранешниот премиер Никола Груевски. Судијата Душко Јосифов кој го води овој случај, вчера го прифати предлогот на обвинителката Фетаи на Груевски кој е подолго време во бегство, да му се суди во отсуство.

Адвокатите на Груевски бараа судот да го почне од почеток судењето поради истекот на рокот од 90 дена и да се повтори сѐ што се изведувало на судењето, да се изведуваат сите докази и да се викаат сите сведоци, но Јосифов ги одби предлозите на одбраната. Судот одлучи да се читаат исказите на сослушаните сведоци. Во „Насилство во Општина Центар” обвинети се повеќе лица, меѓу кои поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство во Унгарија, ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и поранешната советничка од ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова и осум други лица.

Ова е втор предмет на Специјалното јавно обвинителствот, после предметот „Тортура“, кое почнува од почеток. Случајот „Тортура“ во којшто му се суди на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков и на „алфите“, за нечовечкото апсење на поранешниот министер, Љубе Бошкоски, ќе почне од почеток бидејќи судија поротник си поднесе оставка.

Тогаш од судот соопштија дека поротникот си поднел оставка од семејни причини и дека веднаш бил назначен нов судија-поротник. „Во однос на законската обврска на изменетиот судечки совет предметот да почне од почеток, станува збор за нормални дејствија кои може да се завршат во едно рочиште како не би имало дополнително одолговлекување на предметот и доследно почитување на начелото за судење во разумен рок. Секако судот нема никакви овластувања на каков било начин да им наложи на судиите – поротници да ја извршуваат функцијата спротивно на нивната волја, но мора да се има предвид дека тие се претставници на граѓаните во судските процеси и се гаранција за владеењето на правото и почитување на зконите“, велат од судот и остануваат на ставот дека отпочнувањето на процесите од почеток се формалности кои би требало брзо да поминат.

Адвокатот Александар Тортевски, кој поминал многу судски предмети, вели дека за сите случаи важат истите правила, односно по 90 дена се смета дека судијата го заборавил предметот, дека нема континуитет.

За да не се надмине овој рок, Тортевски вели дека за тоа сметка треба да водат судиите.

„Во некои предмети има и премногу обвинети и одбраната го користи ова. Судот треба да биде сериозен, да даде термини, да има подготвен адвокат по службена должност. Судот треба да биде подготвен дека има работа со луѓе кои одат на одолговлекување“, вели Тортевски.

Тој предупредува дека голем дел од судењата може да почнат од почеток бидејќи судии кои водат дел од предметите на СЈО, меѓу кои и судијата Осман Шабани, конкурирале за Апелацискиот суд.

„Судии кои ги водат случаи на СЈО конкурираа за Апелација. Ако изберат некој, а сите сакаат, предметот ќе почне од почеток. Тие судии може да конкурираат, но мора да бидат задолжени да стапат на функција кога ќе си ги завршат предметите. Судијката Лидија Неделкова кога беше избрана за претседателка на Врховен суд го водеше предметот за ‘Јака Радовиш’, кој беше стигнат до завршен збор, па почна од почеток. Затоа ако судиите бидат избрани во Апелација, треба да почнат да ја извршуваат таму функцијата откако ќе ги завршат предмеите што ги водат“, вели Тортевски.

Претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев на последниот брифинг со новинарите рече дека за ова разговарал со претседателот на Судскиот совет Киро Здравев за тоа што ќе се случи со судските предмети што ги води судијата Осман Шабани ако биде избран за судија во Апелацискиот суд.

Доколку Шабани биде избран за апелациски судија сите негови предмети ќе почнат одново, заклучно со предметите „Монструм“, „Титаник“ и „ТНТ“ кој е пред изрекување пресуда кои ги покрена СЈО и за кои има висок јавен интерес.

Една од опциите е Шабани, ако биде избран, сепак да остане во судот уште шест месеци за да ги заврши важните судски предмети кои сега ги води.(Ф.Ф.С.)