Нов пад на Волстрит. Меѓу губитниците се „Амазон“, „Алфабет“, „Тесла“…


Вчера на Волстрит берзанските индекси паднаа втор ден по ред, бидејќи по новите економски показатели, надежите на инвеститорите дека американската централна банка ќе почне да ги намалува каматните стапки уште во март дополнително ослабна.

Дау Џонс загуби 0,25 отсто, на 37.266 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,56 отсто, на 4.739 поени, а индексот Насдак 0,59 отсто, на 14.855 поени. Инвеститорите вчера ги поколеба фактот што во САД во декември потрошувачката се зголеми за 0,6 отсто на месечно ниво, повеќе од очекуваното.

Ова е позитивна бројка бидејќи покажува дека личната потрошувачка, најголемиот двигател на бруто домашниот производ (БДП), постојано расте, но инвеститорите беа поколебани од намалувањата на каматните стапки. Имено, растот на потрошувачката укажува дека растат платите и побарувачката, а тоа би можело да го поддржи и растот на потрошувачките цени.

А тоа, пак, значи дека инфлацијата би можела да остане на покачени нивоа подолго од очекуваното, така што ФЕД нема причина да брза со намалување на каматните стапки. На крајот на минатата година цените на акциите нагло пораснаа бидејќи инвеститорите се надеваа дека ФЕД агресивно ќе ги намали каматните стапки оваа година, почнувајќи од состанокот во март.

Сепак, овие надежи оттогаш стивнаа поради стабилниот раст на економијата и пораките на првиот човек на централната банка дека нема потреба да се брза со намалување на каматите. Пред десет дена се проценуваше дека има речиси 80 отсто шанси ФЕД да ги намали каматните стапки во март, но сега тие шанси се намалија на само 55 отсто.

Поради ова, приносите на обврзниците повторно пораснаа, што лошо се одрази на акциите на оние компании кои се многу чувствителни на промени на приносите. Поради ова, индексот S&P 500 на секторот за недвижности падна за 1,9 отсто, а под притисок се најдоа и акциите на голем број технолошки гиганти.

Цените на „Амазон“, „Алфабет“, „Тесла“, „Нвидиа“ се лизнаа меѓу 0,5 и 2 отсто. Цените на акциите вчера паднаа и на европските берзи. Лондонскиот ФТСЕ индекс загуби 1,48 отсто, на 7.446 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 0,84 отсто, на 16.431 поен, а париски CAC за 1,07 отсто, на 7.318 поени.