Нов обид за избор на државен ревизор


По две години без директор , клучната институција што контролира како се трошат државните пари, Државниот завод за ревизија, денеска по се изгледа ќе добие прв човек. Претседателот на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, Илија Димовски, за денеска закажа продолженија на три седници, а на едната од нив повторно е изборот на главен ревизор.

Извори од владејачкото мнозинство велат дека името на личноста што ќе седне на главното ревизорско столче е договорено, па според нивните очекувања, за него денеска ќе се обезбеди мнозинство од седум пратеници, колку што е потребно за предлогот да помине на комисијата, а потоа да оди на гласање и на пленарна седница на Собранието.

И самите народни избраници се свесни дека најавените вонредни парламентарни избори не смеат да поминат без главен државен ревизор, и затоа неговиот избор се смета и за повеќе од ургентен.Според нив, новиот контролор на трошачите на народни пари треба да се гледа во еден од преостанатите 10 кандидати, од првично пријавените дванаесетмина, откако двајца пријавени практично „настрадаа“ во бесконечните партиски игри.

Несогласувањето меѓу коалициските партнери, СДСМ и ДУИ, беше причина на последната седница на комисијата ниту еден од двајцата кандидати да не го добие потребното мнозинство гласови. Тоа, пак, значи дека тие повеќе не можат да бидат избрани, и за нив практично трката за главен државен ревизор е завршена.

На последната седница пратеникот Мухамед Зеќири од СДСМ го предложи Адем Цури за државен ревизор, но за него гласаа шест пратеници, што не е доволно за избор.Некои сознанија говорат дека двајца од преостанатите кандидати имале најголеми шанси. Едно од имињата што се споменуваше е Тања Тасевска, која долги години е во ДЗР и практично се смета како еден од основачите на таа институција. Второто име што беше во игра е Максим Ацевски, исто така човек од внатре од ДЗР. Двајцата важат за професионалци, но и за нив имало партиски несогласувања.