Нов обид за договор за законот за обвинителство: Прво избори, па закон за СЈО


Мали се шансите законот за јавното обвинителство, со кој се уредува и статусот на Специјалното јавно обвинителство, да биде донесен пред 5 мај, односно пред завршувањето на вториот круг од претседателските избори. Во оваа насока се информациите што доаѓаат од преговарачките тимови во Министерството за правда, кои не влеваат многу оптимизам дека во скоро време ќе биде постигнат договор околу перспективите на СЈО.

Иако ВМРО-ДПМНЕ и владејачките партии седнаа вчера повторно на заедничка маса, во четврти обид да ги доближат ставовите, според проценките и на обвинителите, се дека ова прашање тешко ќе се затвори во скоро време. Напротив, може да се случи донесувањето на законот за јавното обвинителство да се оддолжи до крајот на мај, односно за него да се гласа во „пет до 12“ – непосредно пред самитот на ЕУ, каде што треба да се одлучува околу почетокот на преговорите со нашата земја. На таква можност упатува и досегашната пракса, според која клучните регулативи за кои се „бркал“ консензус редовно се носеа во последен момент.

Пред почетокот на кампањата, претседателот на парламентот Талат Џафери најави дека не планира да закаже седница во периодот на предизборието за донесување на законот за јавното обвинителство, доколку во меѓувреме биде постигнат договор меѓу партиите. Образложението на Џафери беше дека преостанатите реформски закони, меѓу кои се и тие за реформи на безбедносно-разузнавачкиот сектор и дел за администрацијата, а кои поминаа само во прво читање, може да се донесат и по завршувањето на изборите, со оглед на тоа што самитот на ЕУ ќе биде во јуни. Опозицијата имаше забелешки и за законите од безбедносниот сектор и гласаше воздржано во првата фаза, така што продолжија разговорите меѓу партиите за усогласување на дел од спорните одредби. За законот за јавно обвинителство, пак, е предвидено да биде донесен по скратена постапка, иако и за него треба да се обезбеди двотретинско мнозинство.

Претседателот на парламентот најави дека за време на кампањата планира да закаже само една седница, за прегласување на законите што Собранието ги донесе минатата среда, а што се очекуваше претседателот Ѓорге Иванов да ги врати кај пратениците, како што постапи и со другите закони што беа донесени по стапувањето на сила на новото име на државата. Тие закони парламентот треба да ги донесе повторно со по минимум 61 глас и во рок од триесет дена откако ќе бидат вратени. Денеска истекува рокот во кој Иванов треба да одлучи дали ќе ги потпише законите или ќе му ја остави таа обврска во „наследство“ на идниот шеф на државата.

Најавата на Џафери дека ќе чека да завршат изборите предизвика одредени несогласувања меѓу него и министерката за правда Рената Треневска-Дескоска. Иако недоразбирањата, главно, беа за процедурата, извори од преговарачките тимови тврдат дека и ДУИ има одредени резерви во однос на регулативата за СЈО што помина на владина седница. Тоа е и очекувано со оглед на тоа што и функционери на оваа партија се опфатени со дел од предметите што произлегоа од прислушувањето, иако во далеку помал број во однос на поранешни, па и актуелни функционери на ВМРО-ДПМНЕ.

Наспроти тоа, од Владата велат дека уредувањето на статусот на СЈО е во согласност со насоките од ЕУ, од каде што сега инсистираат на донесување на законот за јавното обвинителство, како клучен критериум за почеток на преговорите. Покрај тоа, како еден од главните критериуми се наметнаа и претстојните претседателски избори, при што не се инсистира само на нивна регуларност и демократичност, туку и на успешност на процесот кој би можел да биде доведен во прашање во случај на слаб одѕив во вториот круг на 5 мај. Во случај изборите да завршат без избор на нов шеф на државата, според проценките во политички кругови, и очекуваното донесување на законот за јавно обвинителство може да биде залудно во однос на одлуката на ЕУ за почеток на преговорите.

„Препораките што ги добивме се многу јасни и се упатени јавно – дека она што меѓународната заедница ќе го цени како позитивен исчекор, но и како одлучност во борбата против криминалот и корупцијата, е праќање сигнал дека која било влада не треба да се плаши од борбата против корупцијата. Треба да се организира јавно обвинителство што ќе гони сторителите на висока корупција. Во нашиот закон тоа Специјалното јавно обвинителство, кое ќе ги задржи постојните капацитети и ќе добие проширени надлежности и гаранции за своето идно дејствување“, изјави вчера министерката Дескоска пред новата рунда преговори за законот за јавно обвинителство.

Дескоска рече дека може да се очекува напредок ако претставниците на ВМРО-ДПМНЕ се подготвени да ги почитуваат препораките на меѓународната заедница, но ако останат на своите ставови, тогаш не гледа надеж дека нешто посебно би се случило. Таа повтори дека не се согласува дека треба да заврши мисијата и работата на СЈО.

Министерката додаде дека ќе направат напори да се постигне двотретинско мнозинство во Собранието за изгласување на овој закон. „Прашање за пратеничките групи и политичките партии е дали ќе сакаат да се приклучат во евроинтегративните процеси или ќе стават приоритет на штитењето на криминалот во сопствените редови“, нагласи Дескоска.

И судијката Маргарита Цаца-Николовска смета дека СЈО мора да продолжи да работи во насока на утврдување на она што било криминал и на она што не било криминал. „Не може да прифатиме прислушуваните разговори до вчера да бидат еден од доказите, а сега одеднаш да донесеме одлука дека тие докази треба да бидат ставени на страна“, изјави Цаца-Николовска.

Дескоска вчера се изјасни и за ангажирањето на пратеникот Антонио Милошоски во преговарачкиот тим на ВМРО-ДПМНЕ за законот за јавно обвинителство, иако и тој е осомничен во еден од предметите на СЈО. Според Дескоска, ВМРО-ДПМНЕ има легитимно право да го вклучи Милошоски, иако тој е опфатен со истрагата „Моќник“. Министерката рече дека неговата вклученост во преговарачкиот тим на ВМРО-ДПМНЕ зборува за „нивната позиција и резервираност“ кон овој проблем кој треба да се реши на барање на Европската комисија.

Според информациите, во шеесетината предлог-амандмани на ВМРО-ДПМНЕ, како доминантно барање се издвојува тоа за затворање на случаите што биле отворени по 30 јуни 2017 година. Се предлага да се остави можност тие предмети да ги отвори потоа редовното обвинителство, иако според правни толкувања мошне тешко е да се отвори повторно случај што веќе еднаш бил прогласен за затворен. Во случај да биде прифатено ова барање на ВМРО-ДПМНЕ, за што власта смета дека е нов обид за амнестија по заобиколен пат, тогаш опозицијата можеби би отстапила од предлогот СЈО да биде обично одделение во рамки на државното обвинителство. (А.М.М.)