Нов напад на Кримскиот мост, сообраќајот во прекин


Снимки од нови експлозии се појавија на социјалните мрежи на Крим, каде што е мостот што го поврзува полуостровот со Русија, кој Украинците веќе го нападнаа.

Проруските власти го запреа сообраќајот преку мостот на Крим. Се огласија сирените за тревога.

Прво беше објавено дека се соборени два украински беспилотни летала, а руското Министерство за одбрана подоцна објави дека Украина се обидела да го нападне мостот на Крим со противвоздушна ракета С-200.

„Руските системи за противвоздушна одбрана навреме ја открија украинската ракета и ја пресретнаа во воздух“, објави Министерството за одбрана на Телеграм. Русите тврдат дека нема штети или жртви.

Но, на сликите и фотографиите кои се појавија на социјалните мрежи може да се види како чад се издига над мостот, а се чини дека мостот е погоден. Имаше информации дека мостот е погоден на четири места.

Претходно денеска, една постара жена и еден полицаец беа убиени во саботата рано во руско гранатирање на населени места во источна Украина, Харков и јужниот дел на Запорожје, соопштија украинските власти, додека Русија известуваше за соборување на украински беспилотни летала насочени кон Крим.

„Утринава, околу 5:10 часот, непријателот пукаше во селото Купјанск-Вузловји во областа Купјанск. Оштетена е станбена зграда. Убиена е 73-годишна жена“, објави на Телеграм гувернерот на Харковската област Олех Синехубов.

Во нападот на градот Орихиви во областа Запорожје, загина полицаец, а 12 лица се повредени, меѓу кои четворица полицајци, објави на Телеграм министерот за внатрешни работи Ихор Клименко. Тој рече дека руските сили користеле водена воздушна бомба.

Ројтерс не можеше да го потврди ова од независни извори.