Нов концепт за основно образование, МОН уверува дека не се бришат содржините од наставните предмети


Новиот концепт за основно образование што го најави Министерството за образование и наука, а со кој се планира спојување на предметите историја со географија и граѓанско општество, и биологија со физика и хемија изминатите денови предизвика реакции во јавноста. За таа цел, вчера Министерството за образование и наука (МОН) преку презентација ги појасни дел од грижите што ги имаат граѓаните, наставниците, родителите и учениците во однос на новиот концепт.

Воведувањето на наставниот предмет општествени науки, велат од МОН, не значи дека се укинува наставниот предмет историја, туку содржините од него стануваат задолжителен дел од интегрираната наставна програма.

Преку интегрирање содржини од историја, граѓанско образование и географија, наставниците по овие предмети ќе продолжат да работат во училиштето, но сега заеднички ќе ја планираат наставата. Концепцијата за основно образование, како што вчера појаснија од МОН, ја дава „рамката“ според која се планира основното образование и документот не ги брише содржините од наставните предмети, ниту пак предвидува менување на содржините од предметот историја.

Изработката на поединечните наставни програми ќе следува по развојот и прифаќањето на концепцијата. Наставните програми ќе бидат изработени од наставници, универзитетски професори и советници од Бирото за развој на образованието.

Според МОН, интегрираните наставни програми позитивно влијаат на постигнувањата на учениците и им овозможуваат да го користат наученото и надвор од определен предмет, да го користат своето знаење креативно и да развијат критичка мисла и ефективни стратегии за учење.

Тие уверуваат дека концепцијата за основно образование не го одредува бројот на наставници. Направените анализи, според нив, укажуваат дека сите наставници остануваат на работа, бидејќи севкупниот број на часови во наставниот план не е намален.

Со предвидените слободни изборни предмети, наставниците имаат слобода и можност да ја искористат својата креативност во изработка на наставни програми за изборните предмети, според интересите и барањата на учениците.

– Во подготовката на новата Концепција, МОН се водеше од истражување, спроведено во ноември 2020 на 4168 наставници, кои ги идентификуваа потребите од образовна реформа и аспектите на кои таа треба да се базира. Исто така, земени се предвид анализите од меѓународни релевантни организации и институции кои укажуваат дека се потребни итни и неодложни реформи на образованието, информира вчера МОН во соопштението придружено со презентација.

Намерата на Владата, како што вчера нагласи премиерот Зоран Заев, не е да ги укине предметите историја, географија, физика или биологија во образованието.

– Фузирањето значи ефикасност, намалување на наставните содржини кои се вишок и не им се потребни на учесниците со цел да добијат дополнително можност за општествени и социјални дејности во рамки на времето кое го поминуваат во училиште, истакна премиерот Зоран Заев, појаснувајќи го новиот концепт..

Тој нагласи дека нема да се брза со оваа реформа, иако, како што рече, таа е важна и треба час поскоро да се започне. Премиерот посочи дека внимателно ќе се слушнат сугестиите од сите засегнати страни.

– Тука е експертската јавност, тука се универзитетите, тука се наставниците, професорите, но и стручните служби од МОН, Бирото за развој на образованието, Педагошката служба и сите релевантни институции за ова прашање, рече Заев.

Со став околу новите реформи во образованието вчера излезе и Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) според кои реформите треба да обезбедат систематско и посебно изучување на македонскиот јазик и македонската историја, укажувајќи на научниот факт дека македонскиот народ зборува на македонски јазик веќе со векови, на територијата на нашата држава и надвор од неа.

Посочуваат дека реформите треба да обезбедат и динамична рамнотежа меѓу математиката, природните и техничките науки, од една страна, и општествените и хуманистичките науки, вклучувајќи ги етиката и моралните вредности, од друга страна; како и континуиран (на подолг период и без прекин) инклузивен и одржлив економски раст на земјава.