Нов хибриден напад: Заев разговарал со лажна Грета Тунберг


Пред неколку дена се случил „хибриден напад“ врз кабинетот на премиерот Заев од лица кои се претставиле како Грета Тунберг и нејзиниот татко, изјави денеска  советникот на премиерот за односи со јавност, Марјан Забрчанец.

Тој соопшти дека манипулаторите употребиле брендирани е-маил адреси и телефонски броеви, и преку официјално барање до македонско дипломатско претставништво, успеале да закажат и да реализираат телефонски разговор со премиерот Заев, претставувајќи се како Грета Тунберг и нејзиниот татко.

Забрчанец, на денешната конференција „е-општество“ рече дека премиерот навреме се посомневал во идентитетот на соговорничката. Но сепак разговорот бил воден до крај, за да се потврдат сомнежите.

-Веднаш после завршениот разговор, ги направивме сите проверки за верификација на идентитетот на соговорниците и денес со сигурност можеме да кажеме дека разоткривме хибриден напад врз кабинетот на премиерот. После разоткривањето, стапивме во контакт со семејството на Грета, ги известивме за сите детали, ги известивме дека ќе објавиме во јавност, а од таму добивме одговор дека и тие се многу вознемирени од ваквите вести, дека ќе пријават за злоупотребата до надлежните органи, и дека се многу благодарни што сме ги информирале за оваа злоупотреба, додаде Забрчанец.

Според него, овој случај на хибриден напад е многу пософистициран од случајот со руските пранкери, но внимателната комуникација овозможила да биде разоткриен и разобличен.

Летово беше објавено дека Заев е цел на руски пранкери кои со него неколкупати се слушнале претставувајќи се дека се поранешниот украински претседател Петро Порошенко и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.