Нов бугарски поглед: Ветото за Македонија е националистички анахронизам
Ветото на Бугарија за преговорите за пристапување во ЕУ на Северна Македонија во ноември минатата година беше израз на националистички анахронизам што меша културни со меѓународни безбедносни прашања. Стабилноста на Балканот зависи од зајакнувањето на државноста во Северна Македонија, што пак може да се гарантира само преку нејзиното членство во ЕУ, оценува Стефан Попов, професор по филозофија и социологија на Новиот бугарски универзитет, во колумна за бугарскиот медиум „Кафенето“. Во неа натаму стои:
„Во март 2020 година, Република Северна Македонија стана 30-та членка на НАТО откако го смени името за да го поништи грчкото вето. Сето ова се очекуваше да биде проследено со долгоодложуваната покана за почеток на разговори за членство во ЕУ. Сепак, на 17 ноември 2020 година, Бугарија ја блокираше рамката за преговори поради спорови околу историјата, јазикот и т.н. национален идентитет.
Стејт департментот на САД, претставници на ЕУ и лидерите на земјите-членки го изразија своето разочарување. Сите ги повикаа двете страни да ги надминат своите билатерални разлики. Но на повидок нема брзо и лесно решение, напротив, има знаци на влошување.
Одлуката на бугарската влада не беше изненадувачка со оглед на историјата на слични примери поврзани со Северна Македонија. Сепак, што се однесува до целта за постигнување на долгорочна стабилност во Југоисточна Европа, тоа е изненадувачки. Таквата цел би била недостижна доколку прашањето за Северна Македонија не добие одржливо решение.
Не Косово, туку Северна Македонија претставува најголем ризик за регионот. Косово беше српска покраина и иако проблемот е акутен, вклучени се само две земји. Случајот со Северна Македонија, напротив, има многу импликации врз стабилноста на целиот регион.
Населението е поделено во девет групи: Турци, Бугари, Грци, Срби, Македонци, Албанци, Власи Евреи и Роми. Бугарите користат јазични аргументи за да докажат дека македонските Словени се всушност нивни браќа. Српските антрополози инсистираат дека нивниот збор слава, кој го употребуваат и Македонците, покажува дека тие се Срби. Грците се обидуваат да докажат дека во Македонија секој што е под јурисдикција на Вселенскиот патријарх е Грк. Со други зборови, секоја нација го користи секој можен аргумент за да ги поддржи своите тврдења, додека секоја од нив може ефективно да се оспори… Бугарија, Грција и Србија сакаат да ја придобијат Македонија или голем дел од неа од три главни причини:
Прво, тоа ќе доведе до проширување на државата и вклучување на повеќе граѓани. Второ, аквизицијата на долината Вардар и Струма и железничките линии што сообраќаат оттаму ќе доведат до огромни економски придобивки. Третото и можеби најважното: нацијата што ја контролира Македонија ќе биде најсилна на полуостровот. За големите сили, последното е несомнено најважно.
Овој опис го открива прецизно начинот на кој се гледаше и оценуваше Македонија кон крајот на деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век. Дискусиите за Македонија во овој период произведоа она што сега ќе се нарекува ‘македонско прашање’. На почетокот на дваесеттиот век, Македонија се појави не како независен субјект со свој политички проект, туку како простор дефиниран од странски гледишта, на прво место и со најголем интензитет од политичките ставови на нејзините соседи.
Оваа реторика ја покажува убеденоста на околните нации дека Македонија е природен додаток на нивниот национален интегритет. Прашањата од историјата, јазикот, етничката припадност итн ги поддржуваат територијалните амбиции. Во исто време, Македонија се смета за особено важна за големите сили – Германија, Русија, Австро-Унгарија и Велика Британија. Тие сметаат дека оној што ја контролира Македонија може да го контролира целиот регион.
Денес идејата за промена на државните граници е анахронизам. Нема причина исто така да се верува дека Северна Македонија ја задржа стратешката важност што некогаш ѝ се припишуваше. Сепак, односот на соседите многу потсетува на старите идеи од пред еден век и повеќе. Денес соседните земји имаат забелешки на прашања во врска со јазикот на Северна Македонија, нејзината историја и националните симболи. Тие јасно и агресивно инсистираат на тоа дека целото социо-културно ткиво на Северна Македонија не е нејзино, туку украдено од нив. Ако таквата позиција беше распространета и се сметаше и за прифатлива пред Првата светска војна, па дури и кратко по неа, денес нејзиното сведување на логична граница е фантастика.
Како би изгледало целосното задоволување на ваквите тврдења? Доколку овие барања од соседните држави се исполнеа, Северна Македонија ќе имаше територија и државни институции, но ќе беше лишена од јазик, култура, историја и симболични ресурси. Ова би било многу егзотична и на крај апсурдна конструкција. Но, таквата фантастична слика има директни политички последици, пред сѐ директно влијание врз безбедноста во регионот.
Вториот круг ризици произлегува од тензиите меѓу словенските и албанските заедници. Албанците го оспоруваат својот статус според етно-националистичкиот Устав од 1991 година и се залагаат за промени од неговото усвојување. Уставот им доделува секундарна политичка улога како заедница што не е ‘конститутивна’ за македонска националност, како што е словенската заедница. Оваа етно-уставна рамка доведува до бројни дискриминаторски закони, политички одлуки и практики. Во 2001 година, конфликтот прерасна во кратка граѓанска војна. Сепак, албанските заедници не ја поддржуваат територијалната поделба и ги ограничуваат нивните барања на еднаков уставен статус.
Сепак, треба да се нагласи дека Република Македонија не доживеа територијално распаѓање поради умереноста на албанските заедници. Самата држава е слаба, не може да наметне централна политичка волја. Конфликтот беше решен со меѓународно посредување, предводено од Џејмс Пердју, пратеник на американскиот државен секретар Колин Пауел и пратеникот на ЕУ, Франсоа Леотар. Како резултат, во 2001 година беше потпишан Охридскиот договор, со кој беше усвоена голема реформа на постојниот Устав.
Оттогаш, ПЈРМ/Северна Македонија доживеа голем број политички кризи. Понекогаш тие се одвиваат по етничка линија, на пример во 2017 година, кога етнички Албанец беше избран за претседател на парламентот. Кон овие традиционални конфликти се додаваат фактори како што се корупција, дискриминација, традиционална омраза, политичка радикализација и недостаток на контрола врз имиграцијата од Косово. Таквата комбинација на фактори ги предизвика судирите во Куманово во 2015 година со учество на вооружена албанска група која себеси се нарекува Национално ослободителна армија. Конфликтот резултираше со десетици смртни случаи на обете страни, многу полицајци беа повредени и последователни судири.
Меѓутоа, најчесто, политичките кризи се поврзани со политичка и институционална корупција на високо ниво. Во 2015 година, истрагата на ЕУ откри ‘изборна измама, корупција, злоупотреба на моќ, уцена, изнуда и криминално насилство’. ПЈРМ/Северна Македонија е на работ на државен колапс или колапс од 2001 година, но преживеа и покрај сите скандали. Покрај тоа, Северна Македонија е во тешка економска состојба, со над 20 проценти невработеност и голем сектор во сивата економија. Оваа економска криза се влошува со пандемијата.
Конечно, во текот на изминатите дваесет години, земјата разви нездрав облик на национализам преку водење на симболична војна за да ја докаже својата милениумска херојска историја. Овие политики ја пренасочуваат вредната социјална енергија и го претвораат целиот главен град Скопје во еден вид музеј на македонската национална великост. Државната пропаганда се одвива не само во архитектонскиот простор на главниот град, туку и на сите нивоа на политика, образование и медиуми.
Сето ова значи дека државата продолжува да постои како поделена и проблематична политичка форма. И иако во моментов нема непосредна опасност од пропаѓање на државата, како што имаше во 2001 година, постои постојан ризик. Специјалните дипломатски мисии не доведуваат до одржлива стабилизација. Не би помогнало да се потпише нов договор од Охрид или да се промени Уставот, па дури и целосно нов Устав. Потребно е нешто многу поразлично.
Во интерес на сите соседни земји е радикално да се разделат од т.н. ‘македонско прашање’ и да започнат да размислуваат за општата стабилност на Балканот во современите термини на теоријата на меѓународните односи. Целиот регион мора да ги сфати многу сериозно ризиците што ги носи сценариото за распаѓање на државата Северна Македонија. Ако тоа се случи, ќе се појават две неповолни полудржави или две заедници со неодредена државност. Ваквиот развој на настаните ќе предизвика домино ефекти во различни насоки во регионалниот простор. Ниту една од соседните земји не може да избегне сериозни штети.
Прецртувањето на границите на овој дел од Балканот е сугерирано периодично од некои западни политичари, како Дејвид Овен, поранешен британски министер за надворешни работи и преговарач за време на војните во Југославија во 90-тите. Сепак, ниту една земја во регионот нема капацитет да интегрира големи делови од населението, економијата и општеството на Северна Македонија, дури и ако тоа го сака и дури ако најголемите меѓународни играчи се согласат за она што во моментов изгледа неверојатно.
Ова значи дека ризиците можат да се минимизираат само доколку Северна Македонија се приклучи на голема регулирана заедница. Во минатото, Отоманската империја и Југословенската федерација обезбедуваа безбедносни гаранции и спречуваа окупација на области во Македонија од надворешни сили, дури и по цена на репресија и асимилациска политика. Денес, НАТО обезбедува гаранции за заштита, но не и за заедничка внатрешна стабилизација и развој. Целосното членство во ЕУ е единствениот начин да се стабилизира Северна Македонија.
Меѓународните посредници, водечките земји-членки на ЕУ и САД мора да вложат големи напори да ја убедат Бугарија да го поддржи процесот на интеграција на Северна Македонија. Оваа задача не е лесна, бидејќи сегашната политика наоѓа голема поддршка кај бугарските граѓани, слично на барањето на Грција Македонија да го смени своето име.
Нема да биде доволно бугарската влада да биде принудена да попушти под надворешен притисок. Наместо тоа, меѓународната заедница треба да помогне во радикално менување на јазикот што го зборуваат двете соседни земји. И бугарската и македонската влада мора да бидат убедени во едноставната вистина дека меѓународната интеграција е насочена кон обезбедување мир и безбедност, а не кон историјата, симболите, спомените и националните емоции. Двете влади мора да ја прифатат како своја должност замената на романтичниот јазик на сеќавања со прагматичниот јазик на меѓународната безбедност.
Давањето вистинска шанса на Северна Македонија за европска интеграција ќе биде клучно за демонтирање на тековната балканизација на Балканот, што се рефлектира во ‘македонското прашање’“.