Нов апел до јавноста да внимава на лажните профили во име на првата дама Ѓоргиевска


Лажен профил на Фејсбук со име на сопругата на претседателот на државата, Стево Пендаровски повторно бил отворен деновиве, пак со името Елизабета Пендаровска, а не Ѓоргиевска. Од овој профил се злоупотребуваaт лични информации на граѓаните и на него има објавено повеќе лажни постови, со кои се манипулира народот дека ќе се изберат 100 добитници по случаен избор, и ќе им бидат донирани по 5.000 евра.

За лажниот профил кој зема лични податоци од граѓаните, запознаена е и самата Ѓоргиевска, како и Кабинетот на претседателот.

„Би сакале да ја информираме јавноста дека во изминатиот период во неколку наврати се активирани лажни профили на социјалната мрежа Фејсбук во кои се користат фотографии и името на сопругата на претседателот Пендаровски, г-а Елизабета Ѓоргиевска. 
 
Кабинетот на претседателот ги презема потребните мерки за заштита и санкционирање на оваа појава. При секоја појава на профилите истите се пријавуваат до Фејсбук и во Министерството за внатрешни работи. 
 
Апелираме до граѓаните да не наседнуваат на ваквите дезинформации, во кои при користењето на името на сопругата на претседателот на граѓаните им се ветуваат донации. 
 
Истовремено би сакале да информираме дека хуманитарните активности кои сопругата на претседателот ги презема се координирани преку Кабинетот на претседателот.“