Нова тревога во Франција – дојава за бомба во гимназијата каде беше убиен професор


Средното училиште „Гамбета“ во Арас, Франција, каде минатата недела беше убиен наставник, денеска е евакуирано поради закана за бомба, јавуваат медиумите.

Полициската екипа и екипите за експлозиви пристигнале на местото на настанот и се врши вештачење на ранците на учениците, јавува БФМ ТВ. Професорите и учениците од гимназијата „Гамбета-Карно“ се собраа во дворот на зградата спроти нивното училиште, а по нив следеше и персонал од цивилната заштита.

Да потсетиме, Франција од петокот вечерта го подигна нивото на безбедност на највисоко ниво, по убиството на учителот Доминик Бернар, кој беше избоден до смрт од млад човек пред гимназијата во Арас.

Актот беше прогласен за „исламски тероризам“ во Франција, а претседателот Емануел Макрон нареди мобилизација на 7.000 војници за да се зголемат безбедносните патроли во земјата.

Сите 7.000 војници ќе бидат распоредени низ земјата до понеделник навечер, а доколку е потребно и по тој период, прецизира Елисејската палата.

Во тој инцидент уште три лица се тешко повредени, меѓу кои и напаѓачот.

Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманен изјави во петокот дека нападот во Арас е поврзан со настаните на Блискиот Исток, каде Израел води воена офанзива против Хамас, палестинската милитантна група која изврши напади врз Израел минатата сабота.