Нотр Дам заслепува со внатрешноста – миси ќе се одржуваат во речиси театарски амбиент


Катедралата Нотр Дам, иконата на Париз, повторно се отвора на 8 декември, откако беше зафатена од пламен во 2019 година, со миси, церемонијални настани и други свечености.

Свеченото отворање ќе се емитува на меѓународно ниво, по што ќе следат голем број миси, концерти и други настани.

Тоа е повод кој се очекува повеќе од пет години, по пожарот кој уништи дел од катедралата Нотр Дам. Монументалната катедрала сега е подготвена да одржи миса и да ги пречека посетителите.

Поточно, првата миса е закажана за 8 декември 2024 година, со осветување на олтарот. Присуството ќе биде со резервација и ќе се емитува на ТВ Франс, се вели во официјалното соопштение на официјалната веб-страница на Туристичката канцеларија.

Франција ја покажа обновената Нотр Дам по „невозможната“ реставрација

Франција во петокот му ја покажа на светот блескавата реставрирана внатрешност на катедралата Нотр Дам, нешто повеќе од една недела пред повторното отворање на 850-годишната средновековна градба по макотрпната реставрација по разорниот пожар во 2019 година.

Фото: АП

Претседателот Емануел Макрон спроведе инспекција на реставрацијата, емитувана во живо на телевизија, велејќи дека работниците го направиле „невозможното“ со заздравување на „националната рана“ по пожарот на 19 април 2019 година.

И покрај тоа што се направени сите напори да се остане верен на оригиналниот изглед на катедралата, меѓународен тим дизајнери и архитекти создадоа светлечки простор кој има непосредно влијание врз посетителот.

Подот трепка, а свежо исчистените ѕидови заслепуваат, додека суптилната комбинација на природна и вештачка светлина создава речиси театарски впечаток.

„Го постигнавте она што се сметаше за невозможно“, им рече Макрон на работниците за реставрација и на службениците кои ја преполнија Нотр Дам, откако ја обиколи катедралата.

„Пожарот во Нотр Дам беше национална рана, а вие бевте негов лек преку волја, преку работа, преку посветеност“, рече тој, додавајќи дека повторното отворање на катедралата ќе биде „шок на надежта“.

Фото: АП

Нотр Дам повторно ќе ги пречека посетителите и верниците за време на викендот од 7 до 8 декември, по понекогаш предизвикувачката реставрација.

Се очекува да присуствуваат светските лидери, но списокот на гости допрва треба да се открие. Макрон ги обиколи клучните области на катедралата, вклучувајќи го наосот, хорот и капелата и разговараше со експерти.

„Возвишено“, рече видно задоволен Макрон, кој беше придружуван од парискиот надбискуп Лоран Улрих, плус францускиот министер за култура, градоначалникот на Париз и други официјални лица.

Огромен проект за реставрација

Масовниот проект за реставрација сè уште не е завршен. Сепак, тој напредуваше доволно успешно за Нотр Дам повторно да се отвори и да одржи миси и други церемонии.

Она што е вратено во првобитната слава досега, е стрелата на катедралата со нејзиниот крст, нов петел е поставен на врвот на шпицот, неговиот  крст е на место, а исто така и ангелот на трубата, а поставени се и осумте камбанарски ѕвона на северната страна. Реставрацијата на симболичниот историски споменик беше надгледувана од главниот архитект за историски споменици, Филип Вилнев.

Околу 1.000 луѓе работеа на реставрацијата на Нотр Дам во Париз и низ цела Франција. Огромниот проект бараше обнова на катедралата со слични материјали и техники како оние што се користеле кога остатокот од Нотр Дам бил изграден во 12 век.

На реставрацијата работеле голем број вешти занаетчии, вклучувајќи столари, работници во каменолом, малтерџии и мајстори каменорезачи. Апсидата и сакристијата сè уште не се обновени, а работите ќе завршат некаде во 2025 година.

Во 2026 година ќе се постават нови витражи. Постојните прозорци, кои датираат од 19 век, ќе бидат преместени во музеј, а новите излози ќе ги дизајнира современ француски уметник.

Пожарот од април 2019 година

Голем дел од симболичната француска катедрала беше зафатен од пламен откако избувна пожар под покривот вечерта на 15 април 2019 година, а беше изгаснат утрото на 16 април. 

Пожарникарите успеаја да го локализираат пожарот, спасувајќи ја главната структура, вклучувајќи ги камбанаријата и прозорците.

Фото: АП

Немаше повредени, а католичките мошти сместени во катедралата и бесценетите уметнички дела беа спасени и отстранети на безбедно. Инспекторите до денес не можеа да ја разјаснат причината за несреќата.

Германската архитектка Барбара Шок-Вернер, поранешен главен градител на познатата катедрала во Келн и одговорна за нејзината конзерваторска и реставраторска работа, коментира дека уништувањето можело да биде полошо бидејќи не се срушиле сите сводови.

Реномираниот архитект зборувајќи за медимуите рече дека: „Иако кулата на преминот се урна покрај готската статуа на Богородица, ништо не ѝ се случи. Тоа е чудото на Нотр Дам“.

Француската влада и граѓаните и меѓународната заедница веднаш реагираа. Организации и поединци испратија донации во вкупна вредност од стотици милиони за време на реконструкцијата.

Пријателите на Нотр Дам де Париз собраа 10 милиони евра (10,6 милиони долари) во 2019 година, а донациите дојдоа о повеќе од 10.500 донатори во САД и во повеќе од 50 земји надвор од Франција.

Веднаш по трагичниот настан, францускиот претседател Емануел Макрон ја прогласи реставрацијата на црквата за национален проект и вети дека тоа ќе се случи во рок од пет години. Само француските донатори ветија 850 милиони евра (940 милиони долари).

Симбол на Европа

Најпознатата готска катедрала од средниот век се одликува со својата величественост и архитектонски дизајн.

Камен-темелникот бил поставен од папата Александар III во 1163 година врз претходните цркви, вклучително и гало-римската. Високиот олтар бил осветен во 1189 година.

Хорот, западната фасада и наосот биле завршени до 1250 година, а тремовите, капелите и другите украси биле додадени во следните 100 години. Издигнувајќи се величествено над историскиот центар на Париз, со текот на годините стана симбол на Католичката црква и, уште поважно, за цела Европа, бидејќи сведочеше за безброј историски настани, војни и револуции.

Францускиот романсиер Виктор Иго (1802-1885) ја овековечи прекрасната црква во неговиот роман од 1831 година, „Богородичната црква во Париз“. Австрискиот композитор Франц Шмит (1874-1939) ја напиша романтичната опера „Нотр Дам“ заснована на романот на Иго, а книгата оттогаш неколку пати е адаптирана за филм. Наполеон Бонапарта (1769-1821), како и англискиот крал Хенри VI (1421-1471) пред него, бил крунисан за регент на цела Франција во готската црква.

Катедралата е дом на бројни значајни религиозни и историски артефакти, како што е круната од трње, за која се верува дека ја носел Исус Христос за време на неговото распнување. Денес, Нотр Дам останува еден од најважните симболи на францускиот културен идентитет.

Во продолжение погледнете ги фотографиите направени од фотографите на АП, на вчерашната прошетка на претседателот на Франција Емануел Макрон во реставрираната катедрала: