Ношпал дизајнираше костими за „Бољшој“: Честа е огромна, ова се ретки моменти на убавина


Лејла Сабит

По неговите најдобри  и воедно најтешки проекти — кои ја одбележаа неговата кариера —реализирани надвор, во големи и познати театарски куќи: Лебедово езеро и Оревокршачка во Операта во Лајпциг; Атмосфери во Балетот на Рајна во Дизелдорф; Калигула во Сент Гален, Швајцарија; големиот број балетски претстави во ХНК — Сплит и ХНК — Риека; Песни без зборови — дел од балетниот триптих во ХНК — Загреб, каде што неговите костими се рамо до рамо до оние на Версаче, нашиот врвен креатор и костимограф Александар Ношпал оствари уште еден професионален сон- да дизајнира костими за славниот театар „Бољшој“ во Москва кој овој месец ги отвори вратите за публиката по пауза од шест месеци заради коронавирусот. Премиерата на „Силентиум“ се случи на 10 септември, во кореографија на Мартен Шекс со кој Ношпал одамна соработува и со врвни балерини и балетани на сцена како примабалерината Светлана Захарова, Џакопо Тиси…

Лани во Дизелдорф, фото: Мартен Шекс

-Бољшој е врв на секој уметник, и костимограф, а престиж е и да бидеш во публиката. Костимите со огромно задоволство ги дизајнирав два месеци. Тоа беше исклучително време и сум почестен што ја имав шансата да работам во овој театар со овие извонредни уметници. Сакам да се заблагодарам особено на балетаните и балерините Алиона, Елеонора, Ана, Марта, Игор, Денис, Кирил и елегантниот и чудесен Џакопо за нивната доверба и и посветеност, специјално благодарам за генијалната уметница и балерина Захарова со која споделив ретки моменти на убавина во студиото и на сцена. Големо благодарам и на директорот Махар Вазиев за довербата, ни изјави Ношпал кој својата среќа ја сподели и на социјалните мрежи.

Ношпал вели дека кореографијата е негова љубов и вечна инспирација, никогаш нема да престане да се занимава со неа.

– Костимографијата бара и малку поинакви познавања на многуте нешта, бара широк ум, поголемо истражување, образование и интелигенција. Костимографијата се смета за самиот врв во креирањето на облеката: не е случајно што многу познати модни имиња сакаат и се радуваат на работата во театарот, посебно во балетот, кој е најдиректно поврзан со комоцијата и убавината на човечкото тело, но во движење. Поточно: со тело во „максималното“ движење, вели Ношпал.

Славниот театар лоциран во центарот на Москва ги затвори вратите на 17 март кога растеше бројот на заразени со новиот коронавирус во и околу градот, во тогаш најпогодениот дел од земјата.

Првично, режисерите на театарот изјавија дека затворањето ќе трае неколку недели, но на крајот објавија дека театарот ќе биде отворен на 6 септември, кога Русија почна да ги ублажува своите најстроги мерки. Театарот загуби повеќе од 9,52 милиони евра додека траеше карантинот.

Примабалерината Захарова и балетанот Џакопо на пробите

-Никогаш не им подлегнав на летаргијата и депресијата. Ниту, пак, знам што се, ниту како се манифестираат. Не е лесно туку-така да се затвори човек како мене, кој пред карантинот во изминативе осум месеци ја помина речиси цела Европа, аеродромите и хотелите му беа втор дом, а театарските ателјеа и сцени катадневното „бојно поле“. Не е лесно еден уметник да престане да твори, целосно да запре, и тоа две недели пред премиерата на две претстави: Жизел во НОБ и Си беше еднаш во Театар „Комедија“. Не е лесно, како слободен уметник, преку ноќ да останеш без никаков приход. Не е лесно да лансираш колекција во време кога луѓето околу тебе заболуваат и умираат. Но, чувството е прекрасно кога можеш да дадеш, да помогнеш и да се бориш за подобро утре, изјави за „Независен“ Ношпал, кој се прилагоди на новото време и по карантинот промовираше мини-колекција во соработка со онлајн продавницата Митра.