„Носев чадор, а не пушка“: Вучиќ го објаснува видеото со Шешељ за време на опсадата на Сараево (Видео)


Воислав Шешељ и Александар Вучиќ во времето кога беа сојузници со Слободан Милошевиќ

 

Гостувајќи во синоќешната емисија „Кирилица“ на новинарот Миломир Мариќ претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека за време на опсадата на Сараево не носел пушка, туку чадор. Таа негова изјава предизвика чудење, но и повторно коментирање на настанот од пред 28 години.

Имено, има видео од 1995 година за време на опсадата на Сараево на кое покрај војниците се наоѓаат Воислав Шешељ и Вучиќ.

Додека Шешељ ги поздравува војниците, Вучиќ се трга од кадарот, но во раката држи нешто што наликува на пушка.

Тој тврди дека носел чадор.

Воислав Шешељ, претседател на Српската радикална партија, чиј член беше Вучиќ, особено за време на војните во 90-тите, за весникот „Данас“ изјави дека не се сеќава за кое видео се работи.

Но, кога му беше објаснето, рече дека не е пушка.

„Тој (Александар Вучиќ) никогаш не носеше оружје кога одел со мене, а одел многу пати“, потенцира Шешељ за „Данас“.

За Мурат Тахировиќ, претседател на сараевското Здружение на жртви и сведоци на геноцидот, нема сомнеж дека Вучиќ носел оружје.

„Можеби го играше Џејмс Бонд кој носи чадор во филмот? Секако дека носел пушка! Не гледам зошто да се негира фактот што сам си го натовари “, изјави Тахировиќ.