Носењето маска ќе биде систематско на работните места во Франција

Франција – Носењето маска ќе биде систематско на работните места во Франција, што подразбира и во отворените работни простори – канцеларии (опен спејс), соопшти француската министерка за труд  Елизабет Борн, по состанокот со социјалните партнери. Со ова француските власти ги следат неодамнешните повици од неколку специјалисти за заразни болести да се намали ризикот од заразата, јави дописникот на МИА.

– Носењето маска на сите работни места што се затворени е неопходно, за да се систематизира, како што е препорачано од Високиот совет за јавно здравје. Тоа подразбира, простории за состаноци, ходници, соблекувални, отворен простор, посочи министерот за труд, по два часа видео конференција со претставниците на синдикатите и работодавачите.

Оваа средба имаше за цел да го подготви ажурирањето на протоколот за излегување од мерките на изолација, што отсега ќе се насловува со Национален протокол за обезбедување на здравје и заштита на вработените во претпријатијата во период на здравствена криза. Тековниот протокол ја наметнува маската само кога не се почитува растојанието од еден метар.

Оваа мерка треба да стапи во сила на крајот на август.

-Станува збор за безбедноста и здравјето на вработените, така што тоа е јасно под одговорност на работодавачот, изјави Елизабет Борн.

Статистичките показатели за заразата почнаа да растат од последниот протокол, што ги загрижува здравствените власти и владата, кои стравуваат од втор бран, што може повторно да го зафати болничкиот систем и економијата.

Соочени со обврските да ја носат маската надвор, во одредени градови, како Париз, Марсеј или Лил, неколку лекари водат кампања таа да стане задолжителна во сите затворени места како што се претпријатијата. Протоколите за работните места не го земаат доволно во предвид ризикот од ширење на Ковид-19 од аеросоли, сметаат дваесет доктори во колумна објавена во весникот „Либерасион“.

Колективот на здравствени работници, Ц19, се обрати до Советот на државата (Врховниот управен суд) за да ја направи маската задолжителна на сите затворени места, при што домот е единствениот исклучок од правилото. Според најновите бројки од јавното здравство Франција, 24 отсто од „кластерите“, извори на загадување, се наоѓаат во претпријатијата (без медицинските установи).

Остануваат да се утврдат посебните мерки, кои ќе бидат применливи за сместување на сезонските работници и кланиците, кои беа извор на зараза ова лето.