Норвешкиот премиер поддржува продолжување на мандатот на Столтенберг во НАТО


Норвешка не се спротивставува на продолжување на мандатот на Јенс Столтенберг како генерален секретар на НАТО, изјави денеска норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе.

Тој пред норвешките медиуми рече дека за прашањето разговарал со Столтенберг, при што изразил поддршка за евентуално продолжување на неговиот мандат.

„Неколку негови колеги иницираа предлог за можно продолжување на мандатот, што е признание за важноста на досегашната работа на Столтенберг за време на неговиот мандат, рече Сторе.

„Ако постои желба кај членките на НАТО за продолжување, а тој го сака тоа, Норвешка тоа ќе го поддржи“, ја пренесуваат медиумите изјавата на Сторе.

Лидерите на НАТО денеска на специјален самит во Брисел разговараат за војната на Русија против Украина.

Властите во Осло во февруари го назначија Столтенберг за следен прв човек на Норвешката централна банка, функција што е предвидено да ја преземе после 30 септември кога истекува неговиот мандат како генерален секретар во НАТО. Но, Столтенберг вчера изрази подготвеност за продолжување на мандатот во Северноатлантската алијанса.