Норвешката фабрика за втечнување гас останува затворена до средината на мај


Поправките на постројката за втечнување гас на фабриката Хамерфест во Норвешка по пожарот ќе траат подолго од очекуваното, соопшти енергетската компанија Еквинор и системскиот менаџер Гаско, сигнализирајќи нови проблеми во снабдувањето со гас во Европа.
Фабриката, управувана од Еквинор, се очекува да продолжи со производство на 17 мај, повеќе од шест недели по планираниот датум на крајот на март.
– Систематски работиме на исполнување на планот што го утврдивме, но предизвиците од пандемиските ограничувања бараат повеќе време за да се подготви фабриката за безбедно и стабилно започнување со работа, рече Грета Халанд, виш потпретседател на Еквинор.
Единствената голема фабрика за втечнување гас во Европа, на островот Мелкои, во близина на градот Хамерфест на норвешкиот Арктик, може да преработува 18 милиони кубни метри гас дневно со полн капацитет.
Фабриката е надвор од работа од септември 2020 година по пожар што предизвика загриженост за безбедноста на производството.
„По пожарот започна обемна работа, вклучувајќи проверка на повеќе од 22.000 компоненти и замена на 180 километри електрични кабли“, соопшти Еквинор.
– Напредокот е попречен од последниот бран на инфекција со коронавирус во комбинација со ограничувања и намален обем на работа. Во одредени фази од работата, дури половина од работниците беа ставени во карантин и изолирани, рече Тор Јохан Хаве, менаџер на фабриката ЛНГ Хамерфест.
Тој додаде дека работите се при крај.