Норвешка забрани одгледување булдози и кавалери шпаниел


Властите во Норвешка донесоа одлука – одгледувањето кучиња од расите булдог и кавалер шпаниел отсега е забрането, бидејќи самото нивно постоење ги повредува и тие страдаат поради тоа.

Имено, Окружниот суд во Осло го забрани одгледувањето на овие две раси со образложение дека им се наштетува, што е во спротивност со норвешките закони за заштита на животните. Пресудата е пофалена од активисти за правата на животните, но критикувана од одгледувачите.

– Многу раси немаат доволно генетска разновидност и носат високи ризици од болести, изјави претседателката на Норвешкото друштво за благосостојба на животните, Ашлид Ролдсет.

Организацијата поднесе повеќе тужби против компании и поединци кои одгледуваат кучиња. – Треба да го промениме начинот на којшто одгледуваме кучиња. Начинот на кој го правиме тоа сега можеби беше прифатлив пред 50 години, но веќе не е!, додава активистката.

Поради еволутивното мешање на расите, недостигот на генетска разновидност меѓу нив и условите, повеќе од половина од булдозите во Норвешка последниве 10 години морале да се родат со царски рез.

„Неможноста оваа раса да се роди по природен пат, сама по себе е доволна причина тие кучиња да не се парат“, пишува во пресудата.

Кавалер шпаниел

Кавалерите шпаниел, кои ги освоија срцата на кралицата Викторија, Роналд Реган и Силвестер Сталоне – често страдаат од главоболки поради премалиот череп и имаат проблеми со срцето и очите, потврдуваат познавачите. Овие болести не можат да се избегнат со парење со чистокрвни видови од други земји, бидејќи постои општ недостаток на генетска разновидност меѓу нив.

– Овие две раси на крајот ќе исчезнат, рече Ролдсет.

Рекреативните и професионалните одгледувачи имаат аргументи против. Признаваат дека овие две раси се склони кон „предизвици“, но тврдат дека може да се избегнат со селективно парење коешто е во согласност со стандардите за раса.