Норвешка туристка алармира за нехумани услови во Скопската ЗОО


Норвешка туристка, Елена Хаген Мокошеин, испрати писмо до редакцијата на Мета.мк, заедно со фотографии, при што детално опишува сериозни пропусти во грижата за животните и недостиг на основни стандарди за нивна добросостојба.

„Она што го видов не беше само разочарувачко – беше вознемирувачко“, пишува Мокошеин. Таа додава дека смета оти „условите во кои се чуваат животните ја одразуваат шокантната негрижа и отсуството на основни стандарди за благосостојба.“

Фото: Елена Хаген Мокошеин

Таа наведува дека крокодилите се сместени во мал и валкан простор, одделени со стакло, но сепак во директна визуелна комуникација со желки, што според неа е стресно за двата видови и укажува на неразбирање на нивната природа и потреби.

Фото: Елена Хаген Мокошеин

Дополнително, таа посочува дека во енклавата со желките има фрижидер за сладолед – нешто што го опишува како „симбол на нередот“ во градината.

Елена била во Скопје со семејството од 15 до 22 април и вели дека бидејќи биле сместени близу Градскиот парк, на два пати ја посетиле Зоолшката градина заедно со своите деца.

Посебно ја потресла состојбата на слонот, кој, како што наведува, „е длабоко социјално и интелигентно животно, но оди сам со спуштени очни капаци, без знак на живот или радост, без стадо, свежа вода или ментална стимулација“.

„Ве молам, одете и погледнете го слонот. Тоа што го видов ми го скрши срцето и ми ги насолзи очите. Не можев да се натерам да го фотографирам него, ниту сиротите мечки што тешко се движеа низ калта и валканата вода“, пишува таа.

Иако потенцира дека никогаш не работела со животни, освен што секогаш имала домашни миленици, таа додава дека патувала многу и посетила бројни зоолошки градини низ светот. Но, како што вели, никогаш не видела нешто толку срцепарателно.

Во писмото таа ја пофали гостољубивоста на луѓето во Скопје и Македонија, за кои вели дека „веројатно нема попријателски луѓе на друго место во светот“, но ја осудува негрижата кон животните и додава – „Ова е лицето на Скопје.“

Нилскиот кољ, како што вели таа, лежи во „езерце покриено со алги, што повеќе наликува на мочуриште на негрижа отколку на живеалиште“.

Мокошеин ја опишува и ситуацијата со волците, кои „се движат бавно под горештината, без засолниште од погледите на посетителите“, како и рисот, кој исто така нема можност да се скрие, иако станува збор за природно срамежливо животно. „Тоа е сурово и сосема спротивно на начинот на кој треба да се третираат вакви животни“, вели таа.

Според неа, птиците се сместени во кафези „премногу мали за нивните крилја и инстинкти“, што им оневозможува да летаат, истражуваат или да се заштитат од бучавата околу нив.

Мокошеин забележала и отпад расфрлан низ зоолошкатта, многу езерца се сосем суви, а посетителите хранеле животни и покрај поставените знаци за забрана – без никаква реакција од вработените.

Дополнително, вели оти видела маж како фрла цигли кон мајмун зад ограда. Посетителите, според неа, ги провоцирале мајмуните, викајќи и создавајќи хаос, додека персоналот не реагирал.

Фото: Елена Хаген Мокошеин

„Ова не е функционална зоолошка градина. Ова е излог на напуштеност и незнаење“, пишува таа, нагласувајќи дека се работи за „алармантен знак до светот за тоа што се случува кога никој не презема одговорност“.

На крајот од писмото, Мокошеин апелира до надлежните за итна и сериозна реакција. „Овие животни заслужуваат подобро. Скопје заслужува подобро. Светот гледа“, завршува таа.