Норвешка министерка: Русија има други начини да дојде до своите населби


Норвешка не го блокира рускиот пристап до актичкиот архипелаг Свалбард, само ги применува меѓународните санкции. Русија има други начини да дојде до своите населби, тврди министерката за надворешни работи Аникен Хуитфелдт.

Русија ја обвини Норвешка за спречување испорака на неопходни стоки и му се закани на Осло со одмазда порати пристапот до Свалбард. Доколку не се реши проблемот, ќе има неодредени „мерки на одмазда“.

Свалбард, на половина пат меѓу норвешкиот северен брег и Северниот пол, е дел од Норвешка. Но, Русија има право на користење природни ресурси според договорот од 1920 година.

Норвешка, членка на НАТО, но, не е во Европската Унија, ги применува санкциите на ЕУ против Русија. Земјата соопшти дека санкциите нема да влијаат на превозот на стока преку море до Свалбард.

Меѓутоа, голем дел од товарот за руските населби на архипелагот поминува најпрво по патот преку граничната точка меѓу Русија и Норвешка на копно, што е затворена за санкционираната стока.

– Норвешка не го крши договорот за Свалбард. Пратката на норвешко-руската граница е запрена според санкции што забрануваат руските патни превозници да превезуваат стока низ норвешка територија. Норвешка не се обидува да спречи залихите да дојдат до Барентсбург, истакна министерката, мислејќи на населбата на Свалбард од главно руско население.

Според министерката, Русија може да ги прати залихите на друг начин, исклучиво преку брод или авионски, а не само низ патиштата.

Иако Норвешка применува најголем дел од меѓународните санкции, не ги затвори своите пристаништа за руските рибарски бродови.

Министерката појасни и дека гувернерот на Свалбард е во контакт со жителите на Барентсбург и оти сите имаат пристап до храна и до лекови.

– Ситуацијата е нормална, нагласи таа.