Норвешка ќе одобри ископ на океанско дно


 

Норвешка најверојатно ќе стане првата земја во светот која ќе ја започне контроверзната практика на комерцијално ископување во длабоко море, пренесува Би-Би-Си.

Планот, пред гласањето во парламентот, ќе го забрза ловот на благородни метали кои се многу барани поради новите, зелени технологии што ги користат. Еколошките научници претходно предупредија дека тоа може да биде катастрофално за морскиот живот.

Гласањето првенствено се однесува на норвешките води, но оваа година би можело да се постигне и договор за ископување во меѓународни води, а гласањето се очекува да помине без проблеми откако беше обезбедена повеќепартиска поддршка кон крајот на 2023 година. Но, норвешката влада наведува дека се внимателни и ќе почнат да издаваат дозволи дури откако ќе бидат извршени дополнителни еколошки студии.

Во длабокото море има карпи и наслаги кои содржат минерали како литиум, скандиум и кобалт, клучни за новите технологии како што се батериите.

Предлогот на Норвешка ќе отвори 280.000 квадратни километри од нејзините национални води за компании кои ќе можат да аплицираат за ископување на тие ресурси, површина поголема од големината на Обединетото Кралство, пренесува Индекс.

Иако овие минерали се достапни на копно, тие се концентрирани во неколку земји, што го зголемува ризикот од снабдување. Пример е Демократска Република Конго, која има некои од најголемите резерви на кобалт, но се соочува со конфликти и нестабилност во некои делови од земјата.

Ризикот за животната средина сè уште не е доволно познат

Валтер Согнес, ко-основач на норвешката рударска компанија „Локе Минералс“, која планира да аплицира за лиценца откако предлогот ќе биде одобрен, вели дека треба да се направи повеќе за да се разбере длабокиот океан пред да започне рударството, што веројатно значи дека самото рударство нема да започне во скоро време.

Мартин Вебелер, океански активист и истражувач во Фондацијата за правда за животната средина, се надева дека е така, велејќи дека рударството би било „катастрофално“ за океанските живеалишта.

„Норвешката влада отсекогаш нагласувала дека сака да ги спроведе највисоките еколошки стандарди“, рече тој. „Лицемерно е додека ги отфрлате сите научни совети“.

Тој напомена и дека рударските компании треба да се фокусираат на спречување на еколошките штети во нивните досегашни активности, наместо да отвораат сосема нова индустрија.