Нордиските земји ја исклучија Шведска од отворањето на границите


Данската премиерка Мете Фредериксен

Се отвори нордиски процеп околу плановите за олеснување на ограничувањата од корона вирусот, при што Шведска е исклучена од плановите на Данска и Норвешка да ги отворат своите граници за туристите од следниот месец.

За време на прес-конференциите што се одржаа истовремено во петокот, данската премиера Мете Фредериксен и нејзината норвешка колешка Ерна Солберг изјавија дека повеќето ограничувања ќе завршат на 15 јуни.

Лидерките рекоа дека ќе им овозможат на туристите да патуваат меѓу двете држави, а Данска ќе пречека и туристи од Германија и Исланд. Но, туристите од Шведска сè уште нема да можат да ја посетат, со тоа што Фредериксен им кажа на новинарите дека двете земји биле на различни места кога станува збор за корона вирусот.

Мете Фредериксен на прес-конференција во Копенхаген изјави дека ограничувањата на норвешки државјани кои влегуваат во земјата, како и за граѓаните на Исланд и Германија, ќе бидат укинати од 15 јуни.

„Данска и Шведска имаат блиски односи и тоа ќе продолжи и во иднина“, рече Фредериксен. Имаше „силна желба да се најде решение со нашиот сосед, Шведска“, додаде таа, но Данска и Шведска „се на различни места кога станува збор за корона вирусот и тоа влијае на она што можеме да одлучиме за границата“.

Премиерката на Норвешка, Ерна Солберг, во Осло рече дека Норвешка засега ќе им дозволи влез само на дански граѓани, но дека нејзината влада разговарала со Шведска, Финска и Исланд за вклучување подоцна.

Солберг рече дека двапати разговарала со шведскиот премиер Стефан Левен, но склучила билатерален договор со Данска „затоа што имаме слична ситуација на инфекција… Ситуацијата со инфекција изгледа различно во Шведска“.

Додека нејзината цел беше „заедничка нордиска регулаторна рамка“, рече таа, „ќе биде најтешко да се најде решение за Шведска. Постојат региони во Шведска со ниско ниво на инфекција каде би можеле да најдеме решение“.

Во петокот, здравествените власти на Шведска пријавија дополнителни 84 смртни случаи од Ковид-19. Вкупниот број на жртви во земјата од избувнувањето сега изнесува 4.350, што е за четири пати повеќе од вкупниот број на сите други нордиски земји. Шведска избра да не ги наметнува видовите на задолжителни мерки за заклучување, како кај соседите и на други места низ Европа.

Претходно оваа недела, министерот за надворешни работи на Шведска, Ан Линде, предупреди дека исклучувањето на Шведска од чекори кон отворање на границите низ северниот регион ќе биде политичка одлука и не може да се оправда од здравствени основи. Во четвртокот, Норвешка соопшти дека ќе ги отвори своите граници за деловно патување од сите нејзини нордиски соседи.

Двете најголеми опозициски партии во Шведска побараа независна комисија за испитување на одговорот на земјата за појавата на корона вирусот. Конзервативната Умерена партија и популистичката Демократска партија на Шведска во петокот соопштија дека сакаат да се формира комисија пред летото, пренесува француската новинска агенција АФП. Премиерот Стефан Левен, социјалдемократ, во повеќе наврати изрази поддршка за комисија, но рече дека ќе назначи еден откако ќе заврши пандемијата.

И покрај критиките од прекуокеанските држави и од некои дома, постои широко политичко единство во врска со помекиот пристап на Шведска кон заразата, но повеќето партии се согласија за потребата од испитување на управување со кризи на владата. (Според агенциите)